„КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ОСВОИ НАГРАДА НА ПУБЛИКАТА НА ТИРАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ЧЕТВРТА ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ

    „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ОСВОИ НАГРАДА НА ПУБЛИКАТА НА ТИРАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ЧЕТВРТА ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ„Кајмак“ ја освои Наградата на публиката на 21. издание на филмскиот фестивал во Тирана. (Фото: Банана филм)

    „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои Наградата на публиката на 21. издание на филмскиот фестивал во Тирана, што заврши синоќа. Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија.

    „Кајмак“ минатата недела го отвори Тиранскиот фестивал, а како што соопшти продукцијата „Банана филм“, Манчевски, беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија, а одржа и мастерклас на тема „Наративни стратегии“. Во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.

    Во октомври следува премиерата на „Кајмак“ и во Амстердам, а филмот продолжува и со фестивалскиот живот низ светот.

    „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек, велат од продукцијата „Банана филм“.

    „Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија).

    „Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, ‘Кајмак’ и ‘Збогум, Копакабано!’ (работен наслов ‘Биста’), спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Виселблоуниг интернешнл“, велат од продукцијата.

    „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира