Премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, пратениците Дарко Каевски и Моника Зајкова и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска промовираа молерисани занимални во градинка во Скопје. Сите одржаа прес-конференција на која соопштија што е сработено во градинката.
Станува збор за градинката „13 Ноември“ објект „Парк,“ дел од градинката „13 Ноември“ во која, како што кажа градоначалникот Герасимовски, извршено е молерисување на сите простории во градинката, набавени се нови детски шкафчиња, масички, столчина и друг детски мебел во сите осум занимални.
„Мило ми е што и Владата ја препознава заложбата која континуирано ја дава Општина Центар за унапредување на предучилишното воспитание и образование. Со оваа инвестиција градинката доби комплетно нови занимални, најпрво беше иструган и излакиран паркетот во целата градинка, потоа целата градинка беше молерисана по што сите занимални добија нов детски мебел, детски шкафчиња, масички со столчиња како и нови играчки и дидактички материјал за најмалите. Верувам дека новите услови за престој ќе ги израдуваат дечињата, а новите играчки и книгички и сликовници ќе ги поттикнат да бидат креативни во новите игри развивајќи ја фината моторика, говорот и дружбата“, кажа Герасимовски.
Премиерот Ковачевски, кој исто имаше обраќање на прес-конференцијата, кажа дека „создавањето на поволна клима за децата во градинките е влог во подобар живот на нашите деца“.
„За нив креираме, за нив создаваме, за нив градиме за да имаат посреќно детство посреќна иднина и за да имаат подобри услови за образование, другарување и подобри услови за живот. Денес сме овде во објектот ‘Парк’ којшто е дел од градинката ’13 Ноември’ во Скопје, во знак на одбележување на Детската недела. Тука сме заедно со децата за да го подигнеме нивото за свесност за правата на децата и за тоа колку е важно да создадеме поволна клима каде што децата ќе можат да се развиваат во самостојни и силни личности и утре ќе бидат столбот на нашата држава. Затоа радува фактот што децата во оваа градинка ќе учат во нови реновирани услови. Ќе пишуваат и цртаат на нови масички и ќе си играат со нови играчки и едукативен материјал“, рече Ковачевски.
А. АНТЕВСКА