ЗА ШЕФ НА ПРЕМИНОТ БЛАЦЕ МВР ПОСТАВИЛО РЕНДГЕНОЛОГ, ИЗВИСИЛ ИСКУСЕН ПОЛИЦАЕЦ ЗАШТО ВОДИ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

    ЗА ШЕФ НА ПРЕМИНОТ БЛАЦЕ МВР ПОСТАВИЛО РЕНДГЕНОЛОГ, ИЗВИСИЛ ИСКУСЕН ПОЛИЦАЕЦ ЗАШТО ВОДИ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТПодносителот на претставката имал завршен правен факултет со стекнати 300 кредити и правосуден испит, избраниот е со медицински факултет со 180 кредити (Фото:СДК.МК)

    Полицаец со високо образование кој е заменик – генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата, ги пријавил директорот на Бирото за јавна безбедност, како и Министерството за внатрешни работи дека сториле директна дискриминација врз него, кога на огласот за раководител на полициската станица Блаце, место него со соодветна диплома, стаж и искуство, назначиле колега со медицински факултет-рендгенолог.

    „Се утврдува директна дискриминација врз пријавителот од Скопје, заменик-генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата, врз основа на личен или општествен статус – стекнато образование, во областа на работата и работните односи, сторена од претседателот на комисијата за распоредување и унапредување на полициски службеници при Министерството за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност и од страна на Министерството за внатрешни работи“, стои во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од 14 септември.

    Комисијата вели дека подносителот на претставката од 2018 година континуирано бил дискриминиран. Како што критикувал на прес-конференции како заменик-генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата, така бил преместуван со работата, оддалечуван и деградиран со платата.

    „Подносителот наведува дека на 24 декември 2018 година, само два дена по неговиот избор за помошник-генерален секретар, и по одржана прес-конференција на која укажал за недостигот на униформи во полицијата, врачено му е решение за прераспоредување: од ПС Аеродром каде што работел, во ПС Блаце, за да патува секојдневно по 110 километри. Се водел во ПС Аеродром, до 2022 година. Барањата за прераспоредување, му биле сите до едно отфрлени“, се наведува во образложението за утврдената дискриминација.

    Секоја прес конференција на подносителот на претставката со критики, овојпат за распоредување во МВР на кадар со несоодветно образование, била нова беља за него.

    „Во декември 2021 година подносителот одржал прес-конференција на која укажал на долгогодишниот проблем во МВР за распоредување со несоодветно образование на работните позиции според актот на систематизацијата на МВР. Кратко по одржаниот прес, тој добил ново решение за прераспоредување на работно место полицаец – администратор во ПС Блаце, со што неговата плата се намалува за 10.000 денари месечно“, продолжува Комисијата за дискриминација.

    Тој го почитувал прераспределувањето на Блаце.  Си си одел на работа и бидејќи исполнувал услов, имал диплома од Правен факултет со стекнати 300 кредити плус положен правосуден испит, на 16.02.2023 година конкурирал на оглас за работно место Инспектор раководител на смена во ПС за граничен надзор Блаце. На огласот било наведено дека за ова работно место се бара лице со завршени економски, правни науки или безбедност.

    Но, на конкурсот било избрано лице со завршен Медицински факултет – студии по радиологија, со стекнати 180 кредити.

    Комисијата која одлучувала, БЈБ и МВР негирале пред Комисијата за дискриминација дека синдикалните активности на пријавителот биле услов, т.е. пречка за унапредување.

    „МВР не испрати ниту еден доказ, аргументација од која може да се утврди дека подносителот на претставката не бил ставен во понеповолна положба од избраниот кандидат“, вели Комисијата за дискриминација.

    Членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Лимко Бејзароски кој го водел предметот, напиша препораки до МВР итно да го поништи дискриминирачкиот оглас и да ја повтори постапката. Писмено да ја извести Комисијата во рок од 60 дена.

    Бејзароски на комисијата за распоредување и унапредување полицајци при МВР, ѝ налага во иднина да ги почитува условите наведени во огласите и да се воздржи од дискриминирање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира