ДОБРО БИ БИЛО ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ ГРИП, ДА СТИГНЕМЕ БАРЕМ ДО 75 ОТСТО ОПФАТ, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ

    ДОБРО БИ БИЛО ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ ГРИП, ДА СТИГНЕМЕ БАРЕМ ДО 75 ОТСТО ОПФАТ, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИД-р Петличковски вели засега има добар одѕив, над 30 илјади граѓани се пријавиле за вакцинација, но, се надева дека тој број ќе се зголеми. (Фото: К. Попов)

    Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Бесим Зеќири, апелира до здравствените работници, но и до останатите граѓани, сите да се вакцинираат против сезонски грип, оти, како што вели, грипот претставува најголем проблем за јавното здравство и во однос на морбидитетот и во однос на морталитетот. Најдобар начин за справување со овие предизвици, како што додаде, е вакцинацијата, објави МИА.

    Во Македонија денеска започна вакцинацијата против сезонски грип, во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици и/или здравствените домови. Годинава се пристигнати 60 илјади дози четиритипни вакцини наменети за бесплатна вакцинација.

    Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, рече засега има добар одѕив, над 30 илјади граѓани се пријавиле за вакцинација, но, се надева дека тој број ќе се зголеми.

    „Ги следиме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за обезбедување вакцини во октомври, тоа е навистина еден многу добар момент. Тоа што не го следиме, а препорачано е од СЗО, е опфатот на популацијата. Би било убаво кога годинава би забележале уште малку пораст на вакцинираните луѓе, со што би се приближиле до препораките од 75 отсто опфат на населението“, кажа Петличковски.

    Граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација преку веб страницата вакцинација.мк, преку смс порака ќе добијат известување за точниот датум, час и место за вакцинирање.

    Со бесплатна вакцинација ќе бидат опфатени ризичните групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, децата на возраст од 6 месеци до 5 години и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.

    „Ова е најдобриот период, крајот на октомври – почетокот на ноември, почнуваме точно на време. Во зимскиот период се очекува поголем број заболени, ние сме точно на време затоа што треба две до четири недели да реагира вакцината, односно да се разбуди имуниот одговор за организмот да биде заштитен.
    Имаме вакцини на залиха од производителот ‘Пастер’ од Франција по цена од 700 денари, имаме и вакцини обезбедени преку Министерството за здравство, кои одат преку Мој термин. Приватни вакцини имаме 1.500 дози’“, додаде Зеќири.

    Во Скопје граѓаните може да се вакцинираат во поликлиниките „Бит пазар“, „Идадија“ и во „Букурешт“.
    „Бит пазар“ и„Идадија“ ќе работат во две смени, од 8-19 часот, а во „Букурешт“ вакциналниот пункт ќе работи само втора смена, од 14 до 19 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира