Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против жената која викендов во скопско кафуле ја нападна пејачката Елена Ристеска. Обвинителството побара од судот да изрече забрана на осомничената 38-годишна скопјанка да ѝ се приближува на Ристеска оти постои опасност за повторување на агресивното и насилното однесување.
„Осомничената на 23 октомври во угостителски објект во Скопје, извршила грубо насилство кон една оштетена, физички напаѓајќи ја со тврд предмет и нанесувајќи и повреда на главата. Притоа упатила и вербални закани кон оштетената и кон други присутни лица, со што предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв“, стои во соопштението на Обвинителството.
Пејачката вчера изјави дека при нападот не е повредена, и имала среќа што пред неа стоел нејзин пријател, кој пред неа забележал дека жената сака да ја нападне.
„Да, точно е дека имаше обид за напад кон мене, но за истото е поднесена кривична пријава и очекувам од полицијата да го разреши случајот. Очекувам поддршка од сите вас, бидејќи ова ми се случи без причина и повод. Не се грижете јас сум добра, ви благодарам на сите кои ми пишувате да изразите поддршка. После 21 година кариера, градење на име и реноме на пристојна и нескандалозна личност, ова за мене е нешто што мислам дека најмалку сум го заслужила и го гледам како обид да се извалка моето име. И покрај сето ова, јас продолжувам да пеам за моите фанови“, кажа Ристеска.