ИЗРАЕЛ БОМБАРДИРАШЕ БЛИЗУ НАЈГОЛЕМАТА БОЛНИЦА ВО ГАЗА, ВЕЛИ ДЕКА ХАМАС ЈА КОРИСТИ КАКО БАЗА

    ИЗРАЕЛ БОМБАРДИРАШЕ БЛИЗУ НАЈГОЛЕМАТА БОЛНИЦА ВО ГАЗА, ВЕЛИ ДЕКА ХАМАС ЈА КОРИСТИ КАКО БАЗАЖителите велат дека последните воздушни напади ги уништиле повеќето патишта кои водат до болницата Шифа во градот Газа. (Фото: АП)

    Израелските воени авиони изутринава извршија воздушни напади во близина на најголемата болница во Газа, која е преполна со пациенти и десетици илјади Палестинци кои бараат засолниште, велат жителите. Израел изјави дека милитантната група Хамас која владее со Газа, има командно место под болницата, но не даде докази за тоа.

    Нападите уследија еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави „втора фаза“ во израелската војна против Хамас, три недели откако Хамас започна брутален упад во Израел на 7 октомври. Тенкови и пешадија влегоа во Газа во текот на викендот како проширување на копнена офанзива, додека Израел ја бомбардира територијата од воздух, копно и море.

    Бомбардирањето – опишано од жителите на Газа како најинтензивното во војната – ги уништи повеќето комуникации на територијата доцна во петокот, во голема мера отсекувајќи од светот 2,3 милиони жители на опколената енклава. Според локалните телекомуникациски компании и потврда од теренот, утрово беа вратени телефонските и Интернет комуникации за многу луѓе во Газа.

    Како знак на растечки хаос во Газа, агенцијата на ОН за палестински бегалци УНРВА соопшти дека илјадници луѓе упаднале во нејзините складишта за помош во Газа за да земат храна и други „основни предмети за преживување“, како што се производи за хигиена. Томас Вајт, директор на агенцијата во Газа, рече дека упадот бил „загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се распаѓа“. Агенцијата обезбедува основни услуги за стотици илјади луѓе во Газа. Нејзините училишта низ целата територија се трансформираа во преполни засолништа во кои се сместени Палестинците раселени поради конфликтот.

    Жителите велат дека последните воздушни напади ги уништиле повеќето патишта кои водат до болницата Шифа во градот Газа, во северниот дел на опколената територија. Израел вели дека повеќето жители ги послушале неговите наредби да избегаат на југ, но стотици илјади остануваат на север, делумно затоа што Израел бомбардирал цели во таканаречените безбедни зони. Десетици илјади се засолнети во Шифа, која исто така е преполна со пациенти ранети во нападите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира