Нецели девет месеци траеше туристичката авантура од Битола да се патува со воз за селото Жабени, оддалечено на само девет километри од градот. Со укинувањето на двете возни линии од Скопје за Битола на 25 октомври, меѓу кои и возот што поаѓаше во 6,53 часот, запре и железничкиот сообраќај за Жабени.
Возот наместо за Грција, на први февруари тргна за Жабени, за патниците да ја видат новата пруга. Тој не донесе туристи во селото со стотина жители. Таму нема што да се види друго освен индустриската зона и ниви. Во услови кога ЈП Македонски железници тоне во долгови, возот од Битола за Жабени што поаѓаше во 10,30 часот претежно патуваше празен. Дури и на вработените од зоната не им беше исплатлив зашто имаа организиран автобуски превоз.
Битолчани велат дека ова е една од најсмешните туристички тури и ја споредуваат со онаа од 2012, кога локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Владимир Талески осум месеци пред локалните избори организираа „Тура кон иднината“. Љубопитни граѓани со автобуси бесплатно беа носени да ја видат изградбата на фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Жабени со цел власта да докаже дека привлекува странски инвестиции.
„Сега со возот патуваа како на екскурзија поранешни вработени од Железници за да ја видат новоизградената пруга. Пред неколку години со автобусите пак, вработени од државни институции и пензионери патуваа за да видат до каде е градбата на фабриките во зоната. Кај нас туристичките тури стануваат политички, политичарите туристички водичи, а Жабени туристичка дестинација“, на шега велат жители од Жабени.
Наместо да се интензивира железничкиот сообраќај со пуштањето воз за Грција, од 25 октомври се укинаа двете возни линии од Скопје за Битола во 6,53 и 20,05 часот. Остана само возот што поаѓа наутро од Скопје во 03,13 часот, а од Битола се враќа назад во 14,30. Но, и тој не е редовен, па во петокот не возеше.
Поминаа четири години откако се реновира и догради пругата за Грција, а нема возови. Од ЈП Железничка инфраструктура во повеќе наврати имаа одговорено дека пругата има дозвола за сообраќаење, но за да се воспостави железнички сообраќај чекаат одговор од грчка страна.
Веќе 11 години се ветува дека ќе затруби воз за Грција. Првиот што вети беше ексградоначалникот Владимир Талески во 2012, пред да го освои третиот мандат. Пругата кон Грција од неговото предизборно ветување почна да се гради дури во 2016, преку проект финансиран од ЕУ. Но, тогашниот бугарски конзорциум не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Постоеше реална опасност Македонија да ги загуби европските пари. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проектот чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра од ИПА фондовите, а 11 милиони евра од буџетот на државата. До 2019 се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, во должина од 17 километри.
Да се искористеа тие средства за осовременување на патната инфаструктура, сега Битола можеше да има автопат за Грција, како оној од Лерин до граница. Но, фразата „повторно да свирне воз од Битола за Лерин“ за политичарите звучеше попримамлива.
Ж. ЗДРАВКОВСКА