ФИРМИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА И ПРЕСПА ТРПАТ ЗАГУБИ ОТИ НЕМА АВТОПАТ НИ ЖЕЛЕЗНИЦА, КАДАР СЕ УВЕЗУВА ОД НЕПАЛ, РЕКОА НА БИЗНИС ФОРУМОТ

    ФИРМИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА И ПРЕСПА ТРПАТ ЗАГУБИ ОТИ НЕМА АВТОПАТ НИ ЖЕЛЕЗНИЦА, КАДАР СЕ УВЕЗУВА ОД НЕПАЛ, РЕКОА НА БИЗНИС ФОРУМОТПокрај лошата инсфраструктура и скапиот транспорт, голем проблем за Регионот станува и недостигот на работна сила, па некои компании ќе увезуваат работници од Непал. (Фото: СДК.МК)

    Преспанско-Пелагонискиот Регион е производствената локомотива за економски влез на Македонија во Европа, но попусто кога нема патишта за таа да се движи, беше кажано на Форумот за унапредување на Регионот што се одржа по иницијатива на Стопанските комори од Битола и Прилеп. Бизнисмените се пожалија дека фирмите од Пелагонија и Преспа трпат загуби, имаат намален извоз и производство зашто нема автопат, а не работи ни железничкото поврзување со Грција.

    Во вакви услови, Регионот кој до 1998 даваше 22 проценти од бруто домашниот производ (БДП), со 250.000 тони јаболка, 90.000 тони пченица, 15.000 тони тутун, сега придонесува само со 13 проценти од БДП.

    „Потребна ни е патна инстраструктур која 30 години сме ја барале преку бројни средби, а за жал, до денес автопат немаме. Се вети некој брз пат за Грција и тој го чекаме, како и автопатот Прилеп-Битола. Многу значаен ни е и гасоводот кој го чекаме три години и евтина зелена енергија. Имаме скап транспорт. Има компании кои испорачуваат дневно и по пет шлепери со производи, но не се конкуретни, скап и долг е транспортот. Инвестицијата во автопат ќе се исплати за пет години, со оглед на тоа дека кон овој регион гравитираат 10 милиони граѓани од кај нас, Грција и Албанија. И овој ќе биде многу користен коридор, а ќе се растовари автопатот преку Гевгелија“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора во Битола.

    Во меѓувреме, додека се чекаше изградба на подобра инстраструктура, заснаа компании кои работеа со децении во Битола, како Пиварницата, Шеќераната, Квасарата, а производството на пченица се намали од 90.000 на 45.000 тони. На форумот беше кажано дека Грција треба да направи уште 20 до 30 километри од својата железница за да се поврзе со Меџитлија.

    „Ќе одиме до Солун, сакаме и бараме од Грција да го заврши делот од пругата за да се поврзе со онаа од битолскиот дел. Нашата пруга е подготвена, но ѝ фали 20 до 30 километри на Грција да се поврзат со нашиот дел. Бараме да започне и проект за да се изгради станица за товар и растовар на стока. Железничкиот транспорт чини многу поевтино“, рече Велковски.

    Покрај лошата инсфраструктура и скапиот транспорт, голем проблем за Регионот станува и недостигот на работна сила, па некои компании ќе увезуваат работници од Непал.

    „Репродукацијата на кадри е многу слаба. Увозот на работна сила не е воопшто ефикасен, тој е долг, макотрпен, тежок. Не направивме промена на регулативата во Законот за увоз на работна сила. Увоз на работна сила ние конкретно имаме од Непал. Досега требаше седум девоијки да бидат тука во октомври, а сега последната информација е дека ќе дојдат во јануари. Одредени индустрии имаа намален прилив на порачки од европските пазари, зашто купувачите знаат дека немаме човеков капацитет“, рече Ирена Ирена Јакомоска, основачка на компанијата „Комфи Ангел“ и претседателка на Стопанската комора од Прилеп.

    Таа додаде дека декларацијата што ќе произлезе од форумите нема да биде уште еден лист изгужвана хартија и фрлена во истопријата, туку нивните „десет божји заповеди“ со кои ќе бидат условени и сите идни политички чинители во земјава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира