Апсолутно нема најава за ниту едно ад хок решение во Законот за заштита на културно наследство кој сѐ уште се работи, не доаѓа предвид, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК на 28 октомври објави дека треба да се гради зграда на 17 ката во скопски Карпош, на просторот меѓу поликлиниката „Букурешт“ и Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ . Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство.
Според постоечкиот закон, не смее да се гради до 400 метри од заштитен објект од културно наследство, а според извори на нашата редакција, се планира да се измени тоа правило, и да се дозволи да се гради до 200 метри, со цел да помине изградбата на оваа 17-катница.
„Законот за заштита на културно наследство е во изработка и го работат експерти и од Министерството за култура и повеќе надворешни експерти, но тоа е работа која оди чекор по чекор. Апсолутно нема најава за ниту едно ад хок решение, не доаѓа предвид“, ни изјави министерката на денешниот брифинг со новинарите.
Околу новите закони и стратегии, министерката додаде дека во однос на Стратегијата за култура, завршено е лекторирањето и ќе биде испратена до Владата, а потоа во Собрание.
„При крај е и Стратегијата за заштита на културното наследство. Од тие два документи, потоа произлегуваат Законот за култура и Законот за заштита на културното наследство. Работната група работи по однос на Законот за заштита на културно наследство, нив не ги брзаме, не сакаме да биде закон кој ќе биде донесен преку ноќ. Тој Закон ќе се работи бидејќи мора да се усогласи со Законот за Охрид, иако годинава имавме позитивна одлука од УНЕСКО, тој остана на листата“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Според пријавата што ја добивме на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, толку голема зграда не ги исполнува потребните услови и не може да добие позитивно конзерваторско мислење. Со тоа, Општина Карпош не смее да издаде градежна дозвола, а ако издаде тоа ќе биде спротивно на закон.
Исто така, во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат.
„Иако не станува збор за класични хелиодроми, такви во Македонија нема, тука станува збор за погодни локации коишто се користат како терен за вертикално полетување и слетување на воздухоплови во специјализирани услови, како што се итни медицински случаи или за потребите на службите за трагање и спасување. Во секој случај, околината на потенцијални терени за слетување на водухоплови во итни случаи треба да биде зачувана и заштитена од државата“, рекоа од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
- ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР КОЈ ТРЕБА ДА ДАДЕ МИСЛЕЊЕ ЗА 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА Е ЧЛЕН НА КОМИСИЈАТА ЗА УРБАНИЗАМ НА ОПШТИНА КАРПОШ
- ОКОЛУ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВИСОКИ И ГОЛЕМИ ОБЈЕКТИ ОТИ СЕ ПРЕПРЕКА ЗА БЕЗБЕДНО СЛЕТУВАЊЕ НА ХЕЛИКОПТЕРИ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ
- СМЕШНО Е ТВРДЕЊЕТО ДЕКА 17-КАТНИЦАТА ЈА ЗАГРОЗУВА ВОЕНА БОЛНИЦА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАКИМОВСКИ ЗА ЗГРАДАТА ЗА 2.000 ЖИТЕЛИ СРЕДЕ БОЛНИЧКИ КОМПЛЕКС
- ЗГРАДАТА СО 17 КАТА КОЈА ТРЕБА ДА СЕ ГРАДИ КАЈ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕ ЗА ЛЕГАЛНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА, НО ОПШТИНА КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО ПРОЦЕДУРИТЕ
Б. НЕСТОРОСКА