По 10-годишна половична градба на автопатот Кичево-Охрид и потрошени 600 милиони евра, и со ветување од министерот Благој Бочварски дека ќе биде готов до Нова Година, премиерот Димитар Ковачевски денеска најави можно запирање на градбата од страна на кинеската „Синохидро“, ревизија на проектирањето и барање нов инвеститор.
Сето тоа ќе оди со носење нов закон во Собранието, бидејќи сè уште е во важност тој на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, за кој СЈО поднесе обвинение наречено „Траекторија“.
„Траекторија“, случај во кој беа обвинети Груевски, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски, пропадна минатата недела. Обвинителката Лиле Стефанова, побара прекин на кривичното гонење откако Собранието ги донесе измените на Кривичниот законик за итно застарување на предметите со корупција и организиран криминал.
Одговарајќи денеска на новинарски прашања, премиерот Ковачевски кажа дека 600 милиони евра не одат во контејнер, затоа што веќе е изграден добар дел од патот, над 75%.
„Проблем е што самото проектирање и репроектирање не биле направени на квалитетен начин и затоа патот се гради 10 години“, сфати денеска Ковачевски.
Тој кажа дека има ревизија во однос на финансиските аспекти и во однос на процедуралните аспекти.
„Ќе биде повикан експерт за начинот на изведување на проектот. Министерството за транспорт и врски врши две анализи. Истовремено експертот ќе треба да каже кои се ефектите за начините на кои би се продолжила, или би се прекинала соработката. Собранието го има изгласано договорот и сите анекси. Ќе биде предложена одлука пред пратениците бидејќи со закон ја задолжиле Владата да работи со овој изведувач од Кина. Собранието мора да ја направи промената, ако ја има. Секоја промена значи промена на законското решение“, кажа Ковачевски.
Од Министерството за транспорт во меѓувреме соопштија дека започнала ревизијата на Договорот за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.
„Проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид е под ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и усогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“, соопшти Министерството за транспорт.
Оттаму додаваат дека се појавени 11 нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектантски решенија и мислење за целокупниот проект.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков вели дека ваквиот несериозен пристап на Владата е погубен за Охрид а штети трпат граѓаните и туризмот.
„Зачудувачка е брзината на промена на ставови кои ги има Владата на Македонија. До пред неколку месеци не убедуваа дека затворањето на влезот во Охрид се прави со цел градежните компании да успеат да го стигнат рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид и тој да биде ставен во функција во јануари 2024, за да сега имаме најава за ревизија на активностите на автопатот и можно раскинување на договорот. И не само јас, туку и охриѓани се затечени и не можат да сфатат што се случува. Првиот чекор што го направија пред неколку месеци се покажа крајно погубен за Охрид и охриѓани, но овој ќе биде уште пофатален, бидејќи ќе значи почнување од ново на целата постапка. Но дефинитивно е дека оваа влада не знае каде тера“, вели Пецаков.
Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри почна во февруари 2014 година Охрид – Кичево, а од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. После неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.
С. К. ДЕЛЕВСКА