И вработените кај Народниот правобранител излегуваат на протест, зашто не само што се игнорирани од министерствата, Владата и Собранието кога им се обраќаат за предмети поврзани со проблемите на граѓаните, туку не може да ги остварат ни своите права.
Ова го најави денеска Заменикот-Народен правобранител Јован Андоновски, револтиран од однесувањето на државните органи на кои секојдневно им се обраќаат за претставки од граѓаните.
„Следната недела вработените во Народниот правобранител излегуваат на протест заради тоа што веќе подолг временски период сме соочени со игнорантски однос од државните институции, Владата и Собранието. Како што можете да видите, ни денеска нема никој тука од Владата, иако присуството е задолжително на владините министри кои треба да одговорат на нашите предлози и препораки. Но и поради тоа што веќе долг временски период институцијата се бори со Владата и со Собранието да обезбеди организациска и финансиска самостојност“, кажа Андоновски денеска од собраниска говорница.
И во последниот извештај на Европската комисија, како и во скринингот, е наведено дека на институцијата Народен правобранител треба да ѝ се обезбеди организациска и финансиска самостојност и таа обврска им е доволно позната на законодавниот дом и на извршната власт.
„Очекуваме пратениците да ги изгласаат измените на Законот за народен правобранител, кои се доставени до Собранието на почетокот на септември. Станува збор за преседан, зашто не постои држава во Европа и во современиот демократски свет, во која што вработените во институцијата Народен правобранител штрајкуваат против институциите на државата. Ако вработените не можат да ги остварат и заштитат своите права, тогаш која е веројатноста дека ние ќе можеме да им помогнеме на граѓаните кои се соочени со проблеми?“, праша денеска Андоновски пред празните министерски столчиња и пред речиси празната пленарна сала во Собранието.
Толку од почитта на пратениците кон граѓаните се и нивните проблеми.
„Место сега во ноември да се разгледува степенот на реализација на обврските на Владата, повторно сме во парадоксална ситуација допрва Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2022 година да се разгледува, со толкаво доцнење. Инаку, на праг сме на изготвување на Извештајот за 2023 година“, кажа Андоновски уште еднаш како пратениците ги третираат институцијата Народен правобранител и граѓаните.
С. К. ДЕЛЕВСКА