Десетици илјади луѓе вчера излегоа на улиците на најголемите градови во Италија за да го одбележат Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а истиот ден Италијанецот осомничен за убиство на својата поранешна девојка беше екстрадиран од Германија. Убиството на 22-годишната студентка Џулија Чекетин, предизвика бес низ Италија, каде во просек е убиена по една жена на секои три дена.
Осомничениот Филипо Турета (21) вчера слета на аеродромот во Венеција, и веднаш бил префрлен во затвор во северниот град Верона заради распит во истрагата за смртта на Чекетин. Чекетин исчезна откако се сретнала со Турета за ручек во трговски центар во близина на Венеција, само неколку дена пред да ја добие дипломата по биомедицински инженеринг. Случајот длабоко ја вознемири Италија. Нејзиното тело беше пронајдено на 18 ноември – покриено со црни пластични кеси во ендек во близина на езеро во подножјето на Алпите. Турета беше уапсен следниот ден во Германија.
Убиството на Чекетин предизвика невиден бран на тага и гнев во Италија, каде што многу жени велат дека патријархалните ставови сè уште се вкоренети. Податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи покажуваат дека оваа година во Италија досега се убиени 106 жени, од кои 55 од партнер или поранешен партнер. Италијанската државна телевизија РАИ објави дека во деновите откако беше пронајдено телото на Чекетин, повиците на националната телефонска линија за жени кои се плашат за нивната безбедност поради мажите скокнале од околу 200 на 400 дневно – вклучително и од родители на млади жени.
„Рим е освоен… ние сме 500.000“, рекоа активистите од Ниту една помалку (Non Una Di Meno), феминистичкото здружение против насилство кое го организираше собирот во главниот град. Многу од демонстрациите што се одржаа низ Италија се сеќаваа на Чекетин и нејзината впечатлива приказна. Илјадници мажи од сите возрасти, исто така, одговорија на повикот да се приклучат на вчерашните протести против родовото насилство.
Изминатава недела, италијанскиот парламент усвои нови мерки за сузбивање на насилството врз жените, по едногласната поддршка од двата дома. Меѓу мерките што се воведуваат е и кампања во училиштата за справување со сексизмот, мачизмот и психичкото и физичкото насилство врз жените.