Стотина волонтери претпладнево во период од еден час засадуваа садници во близината на Велес. Планирано е есенва да се засадат 50 илјади садници, на површина од 23 хектари. Заедно со нив беа министерката за животна средина Каја Шукова и градоначалникот на Велес Марко Колев. Тие заеднички засадија неколку садници. Лошите временски услови за работа на учесниците не беа пречка за акцијата да биде успешна.
„Снежната покривка е добредојдена за садниците успешно да се зафатат. Се засадува на поголема површина која ЈП Национални шуми ја има обработено, ископани се дупките за садниците. Ние работиме на засадување веќе една седмица, а во наредните денови ќе продолжиме додека не ги засадиме сите предвидени количини“, рече Ордан Тутунџиев, раководител на подрачната единица на Шумско стопанство Бабуна од Велес.
Се пошумуваше локацијата Бела Вода, во близина на месноста Кула од автопатот Велес-Скопје. Во масовната еколошка акција „Сончева гора“ се засадуваа садници од багрем, јасен и јавор. Десетгодишниот проект за обнова на животната средина „Зелена сончева гора“ е во организација на „Мен енд маунтин“ поддржан од министерствата за животна средина и за земјоделство и шумарство и од ЈП Национални шуми. Претходно есенва се засадуваше во околината на Делчево, Берово, Куманово, Велес е последна акција за годинава.
„Не се пошумуваат само голини, туку се враќаат во нормала опожарени предели, што е наш концепт. Благодарност до бизнис секторот кој е вклучени во акцијата“, кажа министерот за земјоделие и шумарство Љупчо Николовски.
Проектот се состои од два дела, пролетна акција за чистење и селектирање отпад „Генералка викенд“ и во есен акцијата за пошумување на државно земјиште „Сончева ора“. За секои 10 килограми собран отпад, Министерството одделува средства за набавка на една садница.
„Задоволство е кога се подржуваат добри практики за животната средина. Пролетта собиравме ѓубре, ги намаливме количества кои се во природата. Во државата има многу локации каде треба да се засадат садници за да се зголеми шумскиот фонд, кои се белите дробови на нашата планета“, рече министерката за животна средина Каја Шукова.
П. ПЕЧКОВ