МОНТАЖНИОТ ПАРКИНГ ЗАД ТЦ „БУЊАКОВЕЦ“ ЌЕ СТАНЕ КАТНА ГАРАЖА, ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ВЕЛАТ ДЕКА НЕДОСТАСУВААТ МНОГУ ПАРКИНГ МЕСТА

    МОНТАЖНИОТ ПАРКИНГ ЗАД ТЦ „БУЊАКОВЕЦ“ ЌЕ СТАНЕ КАТНА ГАРАЖА, ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ВЕЛАТ ДЕКА НЕДОСТАСУВААТ МНОГУ ПАРКИНГ МЕСТАЗа изградба на објектот се планираат 5,2 милиони евра, а според постојниот Детален урбанистички план за овој дел зградата може да биде висока до 29 метри.(Фото: К.Попов)

    Монтажниот паркинг зад ТЦ „Буњаковец“ ќе стане катна гаража. Ова се предвидува со развојната програма за 2024 година која Општина Центар ја усвои на последната седница на Советот. За изградба на објектот се планираат 5,2 милиони евра, а според постојниот Детален урбанистички план за овој дел зградата може да биде висока до 29 метри.

    Против одлуката да се гради катна гаража гласаше само советничката група на „Шанса за Центар“ според кои со овој објект ќе се бетонизира овој дел.

    „Без анализа, без физибилити студија, без консултација со граѓаните. Побаравме прво да се анализира како еден ваков џиновски објект ќе влијае на околината и на сообраќајот кај основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци и има ли воопшто потреба од таква гаража.Или финтата како и со сите гаражи до сега е на мала врата да се протне нов трговско-деловен центар“, велат од советничката група „Шанса за Центар“.

    Од Општина Центар велат дека катната гаража ја планираат бидејќи еден од најголемите проблеми во Центар е паркирањето.

    „Фреквенцијата на луѓе и сообраќај е голема бидејќи се работи за централно градско подрачје во кое се лоцирани клучните институции и објекти. Постојано обезбедуваме резидентни паркинг места, но и тие се малку, со оглед на тоа што едно семејство поседува и по неколку автомобили. Монтажната гаража зад ТЦ ‘Буњаковец‘ има околу 100 паркинг места, што не е е доволно за да се задоволат потребите на граѓаните. Соочени со ваков акутен проблем, поради кој се создава хаос во сообраќајот, постојано сме во потрага по долгорочно решение и стратегија, но засега правиме само анализи“, велат од Општина Центар.

    Од Општината додаваат дека во развојната програма за 2024 година предвидени се само средства  да се направи кост-бенефит анализа за исплатливост на еден ваков проект, како што е градење нова гаража. Допрва треба да се направи и елаборат за заштита на животната средина. Не се планира никакво јавно партнерство ниту објекти за деловна намена во гаражата. Проектот би требало да биде изведен со поддршка на ЕУ фондовите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира