Организатор на коњички илинденски марш од Скопје ги дискриминирал припадниците на ЛГБТ заедницата со изјава на телевизија за време на подготовките летоска, правејќи ги недостојни да учествуваат во маршот и да го празнуваат најголемиот државен празник Илинден, заклучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Летоска, за време на подготовките за маршот, на новинарско прашање:„Гледаме дека заинтересираноста е голема. Како може еден човек кој сака да биде дел од маршот, може да го оствари тоа? Дали треба да исполни некакви критериуми?“, организаторот кажал дека прво се објавува оглас и конкурс за коњаници.
Потоа продолжил:„Внимаваме да не пуштаме коњаници кои имаат пороци, зависности, нека простат и останатите, ние не поддржуваме ЛГБТ заедница“. Натаму надоврзал дека „илинденскиот марш е илинденска коњаница која прилега на комитите, на Илинденците, така што неколку скалила треба да се поминат за да се дојде до фаза да бидеш примен во маршот“.
За подносителот на претставката, невладино здружение, спорна е ваквата изјава од причини што организаторот со тоа истакнува оти таму дискриминираат лица по перцепција, односно по надворешен изглед.
Подносителот прашува на кој начин организаторот на наведениот марш утврдува дека едно лице е припадник на ЛГБТ заедницата? Настрана што со таквото однесување, смета тој, се поставуваат бариери за одредена група на лица да бидат вклучени во разни општествени процеси на еднаква основа со другите, во конкретниов случај како дел од коњаницата на илинденскиот марш.
Откако го чекала и не добила одговор од организаторот на маршот, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека тој со дадената изјава сторил вознемирување по основ на припадност на маргинализирана група, родов идентитет и сексуална ориентација врз припадници на ЛГБТ заедницата.
И не само тоа, туку го повредил и достоинството на овие луѓе, алудирајќи дека тие не ги сакаат идеологијата на Илинденското востание и Македонија и не се достојни да чествување и одбележување на Илинден.
Вознемирувањето е противзаконско дело, прекршок за кој е предвидена определена санкција преку суд. Комисијата за овој случај донесе препорака организацијата и организаторот на маршот во рок од 30 дена од добивањето на мислењето, јавно да се извини за дадената изјава на припадниците на ЛГБТ заедницата и за тоа да ја извести Комисијата, ако сака да го избегне пријавувањето до Основниот кривичен суд Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА