Возот кој вчераутро од Белград тргна за Косовска Митровица стигна попладнето до Рашка, на последната станица пред границата со Косово каде е запрен поради безбедносни причини. Првиот воз од Белград за Косовска Митровица после 18 години тргна утрината и требаше да стигне на крајната дестинација синоќа во 19 часот. Возот е украсен со боите на знамето на Србија и на 20 јазици е испишано „Косово е Србија“. Внатрешноста на возот е декорирана со фрески од српските манастири на Косово кои се под заштита на УНЕСКО.
Косовските власти ова го оценија како провокација и ја повикаа ЕУ да го забрани влезот на возот на Косово. Попладнето беше објавено дека косовскиот претседател Хашим Тачи му наредил на министерот за внатрешни работи Скендер Хисени по секоја цена да го спречи влегувањето на возот на Косово. На преминот Јариње е зголемено присуството на полицијата додека во близина на преминот забележани се и припадници на специјалните единици на полицијата на Косово. Исто така специјални единици на косовската полиција ја проверуваат пругата на северот на Косово затоа што на социјалните мрежи беше објавено дека пругата е минирана, но не пронајдоа никаков експлозив.
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини доцна синоќа ги повика Србија и Косово да манифестираат целосна воздржаност и разум, и „да се вратат на дијалогот“, кој според неа, покажал „опипливи, кокретни и позитивни резултати“, како за граѓаните, така и во напредокот кон нормализација на односите меѓу двете страни.
Поради оваа ситуација во Белград беше одржана вонредна седница на Бирото за координација на службите за безбедност по која премиерот Александар Вучиќ рече дека возот бил запрен во Рашка по негов налог „за да се зачуваат животите на луѓето и да се спречи конфликт од пошироки размери“.
Вучиќ на прес-конференција рече дека Албанците и нивните специјални сили се обиделе да минираат дел од пругата, но наведе дека „ни тоа не се способни да го направат на соодветен начин“. Според неговите зборови, Албанците исто така испратиле специјални единици на преминот Јариње за да ги уапсат машиновозачот и патниците на возот.
Сепак, косовоскиот премиер Иса Мстафа, кој ги контактирал САД и ЕУ за да изрази загриженост, рече дека верува оти враќањето на возот „е соодветно и неговото влегување во суверена Република Косово нема да биде дозволено“. Вучиќ го обвини Косово за претерана реакција и рече дека тој наредил да се врати возот „за да покажеме дека сакаме мир“.
„Испративме воз, не тенк“, рече Вучиќ.
За денес е закажана седница на Советот за национална безбедност со која ќе претседава претседателот на Србија, Томислав Николиќ. Србите од северот на Косово највија дека денеска ќе протестираат во северна Митровица порaди, како што е наведено, обидите за угнетување и заплашување на Србите на северот на Косово.