Градоначалничката Данела Арсовска не кажува кој го украсува Скопје и како се набавени украсите, светилките и елката. Од минатата недела почна низ центарот на Скопје да се поставуваат светилки, а викендов на Плоштадот Македонија почна да се монтира и елка, ставени се неколку украси и куќарки кои уште не работат.
На страната на Бирото за јавни набавки нема склучен договор за новогодишно украсување или купување украси. Ставка за новогодишно украсување нема ни во планот за јавни набавки за 2022 година. Град Скопје на 15 декември има склучено само договор за набавка новогодишни пакетчиња за 800.000 денари со фирмата „Колид“.
И да е новогодишното украсување подарок од општествено-одговорни фирми, како што велеше Арсовска за минатите две години, тоа треба јавно да се декларира, оти постои опасност од корупција ако тие фирми добиваат тендери од Градот во иднина. Освен тоа, и да е подарок, тој што решил да донира, треба да плати данок. Тој што решил да даде донација согласно Закон за донации и спонзорства треба да спроведе процедура за да добие решение од Министерство за правда за ослободување на данок односно донација од јавен интерес.
САКАМДАКАЖАМ.МК уште пред две недели испрати прашања до Град Скопје и Арсовска дали ќе се украсува и кој ќе го прави тоа, со оглед дека не е објавен тендер. Но, одговори не добивме.
Од Град Скопје нема информации ниту за новогодишната прослава и колку пари ќе бидат потрошени за организацијата, поставувањето на куќарките и пејачите.
Арсовска на 12 декември, откако медиумите објавуваа дека само во Скопје нема новогодишна атмосфера, на својот фејсбук профил напиша дека на 15декември градот ќе биде украсен за 30.000 евра.
„За загрижените да информираме дека Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки. Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра. Украсувањето е започнато, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со новогодишна магија на 15 декември“, објави Арсовска на нејзиниот личен фејсбук профил.
За обвинувањата дека пред неа се трошеле многу пари и се одлевале по приватни џебови Градот нема поднесено кривична пријава.
А. АНТЕВСКА