Ниту по четири години од големиот пожар на Езеро Младост кај Велес не е отстранет дел од опожарената дрвна маса. Изгорените дрвја од пожарот летото 2019 уште сведочат за големата огнена стихија, која ја опустоши шумата од околината на Младост.
Од ЈП Национални шуми велат дека остатоците од изгорените дрвја не се во сопственост на јавното претпријатие.
„Познато е дека дел од околината на езерото се приватизираше. Нашиот дел како Шумско стопанство ‘Бабуна’ го исчистивме од опожарени дрвја. Изгорената шумска маса во околината на Езеро Младост не е во сопственост на ЈП Национални шуми и ние не може да ја отстраниме. Тоа што се гледа неисчистено се парцели во приватна сопственост и обврска е на сопствениците да ја отстранат. Наша обврска останува во некоја следна акција да се изврши пошумување на овој наш дел кој остана не пошумен“, кажа Ордан Тутунџиев, раководител на „Бабуна“ од Велес.
На 26 август 2019 изгореа 409 хектари, од кои 169 беа под шума, црн бор стар 50 години, засаден при создавањето на акумулацијата.
„Завршивме со пошумувањето на месноста Бела Вода близу Езерото Младост, каде два месеца на 30 хектари површина се засадија 50 илјади садници багрем, јавор и јасен. Поголем дел засадивме ние, а помал дел во неколку акции заедно со волонтери, ученици, акцијаши. Следната година започнуваме со пошумување на површините кај село Караслари, каде пролета 2019 изгоре борова шума на површина од 60 хектари“, рече Тутунџиев.
П. ПЕЧКОВ