ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА 18 ЛИЦА ЗА КРАЖБА И ПРОДАЖБА НА ЛУКСУЗНИ КОЛИ ВО ВРЕДНОСТ ОД НАД ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА 18 ЛИЦА ЗА КРАЖБА И ПРОДАЖБА НА ЛУКСУЗНИ КОЛИ ВО ВРЕДНОСТ ОД НАД ПОЛА МИЛИОН ЕВРАМеѓу обвинетите се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и поднесе обвинение против 18 физички и едно правно лице за крадење луксузни коли во странство кои потоа биле продавани во земјава. Како што велат од Обвинителството, обвинението е поднесено за повеќе кривични дела, меѓу кои продолжено криумчарење, фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.

    Во текот на истрагата, јавниот обвинител обезбедил докази дека било извршено криумчарење на 15 возила, со проценета вкупна вредност од над половина милион евра.

    „Во периодот од август 2020 до април 2022, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки – луксузни автомобили во вкупна вредност од големи размери. Тие ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и употребувале лажни јавни исправи како вистински за да ги регистрираат автомобилите, а потоа со цел да ги прикријат кривичните дела, ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период. За прикривање на возилата кои биле предмет на криумчарење и царински измами е обвинето и правното лице – автосалон од Кочани“, велат од Обвинителството.

    Меѓу обвинетите се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР, кои во целиот тој период на останатите им ставале на располагање средства за извршување на кривичните дела, како регистарски таблици и сообраќајни дозволи, изработени спротивно на Законот за возила.

    Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа обвинетите-службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава.

    За тројца од обвинетите, меѓу кои и една државјанка на Србија со привремен престој во земјава, надлежниот јавен обвинител предложи да им биде продолжена претходно определената мерка притвор.

    За истиот кривично-правен настан веќе има една правосилна пресуда против обвинет врз основа на спогодба, додека за едно инволвирано лице постапката е прекината бидејќи е недостапно на органите на прогонот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира