ОСНОВЦИТЕ ЌЕ УЧАТ ДО 17 ЈУНИ, А СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ДО 10 ЈУНИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ЈА ПРОМЕНИ ЛАНСКАТА ОДЛУКА НА ВЛАДАТА

    ОСНОВЦИТЕ ЌЕ УЧАТ ДО 17 ЈУНИ, А СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ДО 10 ЈУНИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ЈА ПРОМЕНИ ЛАНСКАТА ОДЛУКА НА ВЛАДАТАИзмената е донесена заради административните постапки за запишување на учениците во високото образование. (Фото: К. Попов)

    Учебната година за средношколците ќе заврши на 10 јуни, а за учениците од основното образование на 17 јуни, не како што лани одлучи Владата, сите да учат до 17 јуни.

    Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција во Владата за новиот Предлог-закон за средно образование, на новинарско прашање зошто учениците различно ќе ја завршат школската година, кажа дека измената ја донело Министерството за образование и наука (МОН). Измената е објавена на веб-страницата на Министерството на 29 декември.

    „После првичната одлука што е донесена за завршување на оваа учебна година, ние како Министерство за образование донесовме одлука за основно и за средно образование. Според Законот за основно образование, во законот се одредени точен број на работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование, таа законска обврска не е одредена, за точниот број на работни денови. Сите одлуки и законските решенија, ние ги донесуваме со консултација со тие што се засегнати страни. Во процес после донесување на тоа првично решение, имавме комуникација со Унијата на средношколци и тие побараа освен пролетниот распуст, заради административните постапки за запишување на учениците во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни. Тоа го дозволува законската обврска и ние тука постапивме“, рече Шаќири.

    Во измената на Календарот за настава за средните школи, е наведено дека наставната година започнува на 1 септември 2023 година и завршува на 10 јуни 2024, освен за учениците од завршната година од гимназиско образование, стручно образование со четиригодишно и тригодишно траење на образованието, уметничко образование и средно стручно образование за ученици со посебни образовни потреби за кои редовната настава завршува на 17 мај 2024 година.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира