Установите од јавното здравство прикажале 25.632 извршени услуги повеќе од податоците во Мој термин за кои нема трага дали е напишан извештај, што влијае на остварувањето на правата за пациентите и квалитетот на извршените услуги, се вели во ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца-МР?“ во периодот од 2019 година до 2022.
Во исто време, од јавно здравстените установи (ЈЗУ) и во Мој термин прикажани се 17.503 извршени услуги повеќе од фактурираните пакети кон Фондот за здравство, за кои нема трага дали и на кој начин е извршена наплатата за услугите во вредност од околу 1,8 милиони евра (114.645 илјади денари ), при што можниот изгубен приход на ЈЗУ по основ на партиципација од пациентите изнесува најмалку 198.847 евра (12.252 илјади денари).
Заводот вели дека во отсуство на ефикасни контроли овие несовпаѓања не се детектирани како од јавно здравствените установи така и од Фондот и тие се најизразени кај Институтот за радиологија, Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, Клиничката болница Битола, Општата болница Прилеп и Здравствен дом Скопје.
„Доставените податоци од Фондот за фактурираните услуги се некомплетни, пресметките за извршените услуги се изготвуваат во посебен интерен софтвер на ЈЗУ кој не е поврзан со Мој термин, поради што не е овозможена системска контрола, a месечните контроли кои ги врши Фондот, согласно донесено Упатство, се однесуваат само на тоа дали во прилог на пресметката има упат, но не и дали за извршената услуга има изготвен извештај. Услугите извршени како дополнителна дејност не се закажуваат преку електронската листа и не се евидентираат во Мој термин. Цените за овие услуги се за 47 отсто повисоки од цените за услуги извршени за странци и за вршењето на истите не се доставуваат писмени извештаи од страна на здравствените работници до установата“, се вели меѓудругото во извештајот.
Според добиените податоци од Мој термин, во период од 2019 до мај 2023 евидентирани се вкупно 92.533 прегледи, во кои се вклучени реализираните прегледи со издаден извештај и прегледи за кои не е издаден извештај, во редовен термин и без термин. Според податоците од Мој термин, за 12 отсто од вкупниот број извршени прегледи не е издаден извештај, од кои 90% се однесуваат на три ЈЗУ, а една ЈЗУ нема напишано ниту еден извештај во Мој термин. Овие ЈЗУ не вршат континуирана и целосна синхронизација на податоците од интерниот болнички софтвер со Мој термин, поради што дел од издадените специјалистички извештаи се креирани надвор од Мој термин.
Исто така, дел од ЈЗУ кои ангажираат доктори со спогодба, не обезбедиле пишување на извештаите во Мој термин. За времето на чекање за издавање резултат, најголем дел или 87% извештаи, во 2022 се напишани во рок од 10 дена по извршениот преглед, но има и прегледи за кои резултат се чекал повеќе месеци.
Во периодот на вршење на ревизијата во јавното здравство има 14 функционални апарати за магнетна резонанца од четири различни производители распоредени во 10 ЈЗУ, како и 2 апарати за МР надвор од употреба, со вкупна набавна вредност од околу 22,7 милиони евра (1.401.678 илјади денари).
Б. НЕСТОРОСКА