Македонски Брод, Крушево и Валандово немаат гинеколог, а Крушево е град кој нема болнички постели, ниту пак служби за заштита на претшколски и школски деца и младина, жени и медицина на труд, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за степенот на здравствена заштита во Македонија, според податоци од 2021.
Оттаму велат дека се големи разликите меѓу 30. здравствени региони во земјава кога станува збор за можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на овие региони.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.
На врвот на листата се големите градови како Скопје, Битола и Штип. Во горниот дел од листата се наоѓаат уште 8 други градови – освен Виница, сите исто така големи градови: Кавадарци, Велес, Тетово, Прилеп, Куманово, Струмица и Струга.
На дното се наоѓаат помалите градови. Последно е Крушево, каде можностите за здравствена заштита се неколкукратно помали отколку во кој било друг град во земјава. Покрај Крушево, со многу мали можности за соодветна здравствена заштита се и жителите на Крива Паланка, Валандово, Македонски Брод и Кратово.
Еден од индикаторите со големи разлики меѓу градовите е број на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години. Овде најдобро стои Виница каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Спротивно, најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Шест градови имаат ваква служба, но во неа нема лекари и мораат да патуваат во други градови за ваква услуга.
Слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита на жени. Најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Три градови воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог.
Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово – во сите по околу 1100 жители на една ваква служба. Спротивно, најлошо стојат Гостивар и Кичево со два и пол пати полош скор, односно Гостивар со околу 3.000 жители на една матична служба и Кичево со повеќе од 2.700 жители на една ваква служба.
Кога станува збор за број на здравствени работници (главно медицински сестри) на еден лекар во секундарната здравствена заштита, најдобро стои Македонски Брод со 3 здравствени работници по лекар, додека најлошо стои Виница само со 0,7 сестри на еден лекар. Стандардот во оваа област е 2 сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита.
Скопје е прв на листата според вкупно освоените бодови за степенот на здравствена заштита што им е на располагање на неговите жители. Сепак, главен недостиг на Скопје во смисла на можностите за здравствена заштита е што има голем број жители, поради што и некои од индикаторите кои се сведуваат по жител имаат помала вредност.
Кавадарци е најмал меѓу петте најдобро рангирани градови. Иако само со една општа болница, градот стои добро со екипираност со медицински персонал и расположливост со здравени установи за заштита на деца, младина, жени и медицина на трудот, но и со соодветни пунктови на село. Еден од негативните фактори е малиот број на расположливи болнички кревети.
Велес е рангиран на петтото место според можностите за здравствена заштита на жителите. Градот има добра мрежа на здравствени установи, освен пунктови на село. Има добра екипираност со лекари и специјалисти, но мал број на здравствени работници во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита. Недостиг е и малиот број на расположливи болнички кревети според бројот на жители.
Крушево е убедливо на последното место според ова рангирање на градовите според можностите за здравствена заштита, а направено врз основа на 22 индикатори кои се однесуваат на медицинските капацитети (човечки и просторни) кои им стојат на располагање на жителите на секој град. Во Крушево има најмалку лекари според бројот на жители, нема болнички постели, ниту пак служби за заштита на претшколски и школски деца и младина, жени и медицина на труд.
Крива Паланка е на претпоследното место според можностите за здравствена заштита. Иако има служби за претшколски и школски деца и младина, нема лекари, а нема ниту служба за медицина на трудот, а еден лекар и специјалист покриваат многу повеќе жители отколку во другите градови. Има само по една болничка постела на секои илјада жители.
Валандово и Македонски Брод се веднаш пред Крушево и Крива Паланка според можностите за здравствена заштита на населението во овој град, со освоени ист број поени. Македонски Брод нема служба за школски деца и младина, и за жени. Двата града немаат служба за медицина на трудот. Двата града, од друга страна, стојат добро според бројот на лекари и специјалисти во однос на бројот на жители.
Б. НЕСТОРОСКА