Неколку граѓански иницијативи в сабота ќе излезат на протест против изградбата на спорната 17-катница за 2.000 жители среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Протестот е насловен „Излези против владеење на мафијата“, а ќе се оддржи на платото пред СЦ „Борис Трајковски“, во близина на на раскрсницата на булеварите 8 Септември и Илинденска,
Протестот е инициран откако градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ја потпиша градежната дозвола за изградба на зграда со 2.000 жители и најмалку 1.000 коли. Дозволата од вчера, 1 февруари, е правосилна и градежникот „ЗСФ Ком“ веќе на терен се подготвува за почеток на градба. Поставена е табла со информации за градбата и одобрението за градење, ограден е просторот и секојденвно се носи градежна механизација.
Организаторите на протестот „Независни за Карпош“, велат дека е крајно време да се стави крај на мафијашкото однесување и уништувањето на градот.
„Кој да бил или дојде на власт, мафијата ги влече конците, за свој личен профит се уништува Карпош, се уништи Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот“, се вели во најавата за протестот.
Советничката група „Независни за Карпош“, уште кога беше издадено позитивно Конзерваторско мислење за оваа локација, го оспори пред повеќе интитуции бидејќи, како што рече, станува збор за криминалното одобрение издадено од бивш директор кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение. Но, досега ниту една институција не постапила по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно.
Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.
Од институцијата најпрво имаше негативно конзерваторско мислење, но тогашниот директор Константин Димитровски не го потпиша. Потоа Димитровски потпиша ново, позитивно мислење, со кое се дозволи градба до Воена болница со што Општина Карпош може да даде градежна дозвола. Димитровски само неколку дена подоцна беше приведен за уривањето на хотел „Шар“ во Скопската стара чаршија.
Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.
Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.
А. АНТЕВСКА