Лицата кои штотуку наполниле 18 години, или до изборите закажани за 24 април и на 8 мај годинава ќе станат полнолетни, а во МВР за прва лична карта сега добиваат термин дури за септември, ќе гласаат само ако имаат пасош. Нема како поинаку да се идентификуваат пред Избирачките одбори.
Но, нема да може да гласаат оние 18-годишници што истовремено не можат да извадат прва лична карта пред избори, а пасошот им истекол пред распишувањето на изборите, предвидено за 28 февруари. Во таков случај, нема со што да се идентификуваат и нема да можат да го остварат уставно загарантираното право за гласање на избори.
За идентификација без лична карта ќе се прифаќаат само патните исправи кои истекуваат по распишувањето на изборите на 28 февруари 2024, а не и тие чија важност истекува сега, пред овој датум.
„Согласно член 108 од Изборниот законик кој е во сила, кога избирачот пристапува да гласа избирачкиот одбор го проверува неговиот личен идентитет. Личниот идентитет избирачот го докажува со важечка лична карта или важечка патна исправа, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување. Изборниот законик и останатото позитивно право не препознаваат друг документ со кој на гласачко место би можел да се докажува идентитетот. По идентификацијата, избирачот добива гласачко ливче“, кажува какви се законските прописи Љупка Гугучевска од Државната изборна комисија (ДИК) за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Прашавме во МВР дали ќе гласаат децата кои се пред полнолетство, а на кои МВР им закажува за прва лична карта дури во септември, октомври и подалеку.
Оттаму велат дека се бара начин и идејно решение да се надмине оваа ситуација до изборите.
„Се бара начин да се реши проблемот со вадење (прва) лична карта и на оваа категорија на граѓани, за да си го остварат уставнозагарантираното право за гласање на избори како полнолетни лица“, е одговорот од Министерството.
Исто така, прашање за МВР е и дали има опција да се отвори посебен пункт за сликање за лични карти за 17-18-годишници.
С. К. ДЕЛЕВСКА