ОСЛОБОДЕНИ ОД ПРИТВОР И КУЌЕН ПРИТВОР НАПАЃАЧИТЕ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА НА М-НАВ, ОДЗЕМЕНИ ИМ СЕ ПАСОШИТЕ, НЕ СМЕАТ ДА ГО НАПУШТАТ СКОПЈЕ, ТРЕБА ЕДНАШ НЕДЕЛНО ДА СЕ ЈАВУВААТ ВО СУД

    ОСЛОБОДЕНИ ОД ПРИТВОР И КУЌЕН ПРИТВОР НАПАЃАЧИТЕ НА КОНТРОЛНАТА КУЛА НА М-НАВ, ОДЗЕМЕНИ ИМ СЕ ПАСОШИТЕ, НЕ СМЕАТ ДА ГО НАПУШТАТ СКОПЈЕ, ТРЕБА ЕДНАШ НЕДЕЛНО ДА СЕ ЈАВУВААТ ВО СУДПретходно, на 26 јануари, Апелациониот суд Скопје му го укина куќниот притвор на Беким Незири што Кривичниот суд му го одреди на 11 јануари. (Фото: СДК.МК)

    Во врска со нападите на контролната кула на М-НАВ на 4 јануари, кога како бандити упаднаа 6 напаѓачи, поминаа 3 безбедносни зони и со картичката на вработениот Беким Незири влегоа во Контролната кула и истепаа контролор на летање, обвинителот што ја води истрагата побарал и добил од судот ублажени мерки за напаѓачите. По правилата на нештата, тоа значи дека би требало да се обезбедени доказите, се чека да се напише обвинението за кривично дело Загрозување на воздушниот сообраќај, па најстроги мерки веќе не се потребни.

    „Надлежниот јавен обвинител веќе изврши распит на сите сведоци и на осомничените, а интегритетот на постапката е запазен и не постои опасност за негово компромитирање. Осомничените веќе немаат можност да влијаат врз доказите или дејствијата кои ќе се преземаат во натамошниот тек на постапката. Од тие причини, а имајќи ја предвид и праксата на Судот во Стразбур, јавниот обвинител предложи замена на притворските со поблаги мерки на претпазливост“, соопшти Обвинителството.

    „Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска достави предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за 6 лица осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливсот. Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А. О., Р. Б. и Љ. Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С. Ш., О. А. и Е. С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3 и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

    Претходно, на 26 јануари, Апелациониот суд Скопје му го укина куќниот притвор на Беким Незири, кој е шеф на огранокот на ДУИ во Чаир, што Кривичниот суд му го одреди на 11 јануари.

    Во декември почнаа протестите на Синдикатот на контролорите на летање поради сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата воздухопловна техника, поради што овој и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети. Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.

    Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него на 4 јануари излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, Македонци, Албанци и инженери, инструктори и други вработени. По одржаната прес-конференција, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во радарската соба каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале. Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.

    Осомничените сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

    Набрзо, на владина седница Хамиди беше разрешен од функцијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира