Сто и дваесет заболени од голема кашлица се регистрирани во Скопје од почетокот на годината, заклучно со петок, 1 март, изјави за МИА доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, до 29 февруари биле регистрирани 123 случаи во Македонија, од кои 109 во Скопје.
На Клиниката за детски болести моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено на скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехемдовиќ ни рече дека утре ќе имаат состанок, а дали ќе има нови мерки ќе се знае по состанокот.
Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.
Тие препорачаа во градинките да не се примаат невакцинирани или нецелсно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината. Градинките изминатиов период ги побараа од родителите вакциналните картони, но, досега, немаат никаква наредба дека не смеат да примат невакцинирано дете.
На 28 февруари, министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски изјави дека при контролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци.
„Ги зголемивме, како што и ветив и пред една недела, контролите, инспекторите се на терен. Имаме записници добиено по основ на самите инспекциски надзори. Досега не се констатирани прекршувања, односно во самите решенија коишто се доставени од инспекторите нема прекршување на делот каде што градинките не го почитуваат законскиот момент за прием на деца кои немаат вакцинални картони, односно се здрави. Така што, има контроли, на терен се инспекторите, сме во постојана координација и се надевам дека ќе придонесеме да не се рашири повеќе оваа болест“, кажа Велковски.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје за големата кашлица, се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, во периодот од 18 јануари досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел
Согласно податоците доставени од Здравствен дом Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека од 18 јануари до 29 февруари се пронајдени 13.184 деца пропуштени за вакцинација. Од нив вакцинирани се 5.056 (38,3%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (2.492; 49,3%).
Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.690 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4.729; 61,5%) од вакцинираните деца примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација.
Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (прва, втора, трета доза) или ревакцинација (прва, втора ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-29.02.2024 изнесува 12.746.
Што се однесува на податоците другите градови во Македонија, без Скопје, од 18 јануари до 29 февруари пронајдени се 7.143 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 2.164 (30,3%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (1.022; 47,2%).
Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.485 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.484; 33,2%) од вакцинираните примиле втора ревакцина на школска возраст.
Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (прва, втора, трета доза) или ревакцинација (прва, втора ревакцина) во периодот од 18 јануари до 29 февруари изнесува 9.649.
Вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје работат во две смени, до 19:30 часот, а во сабота од 8 до 14 часот.
Б. НЕСТОРОСКА