АКО В ЧЕТВРТОК НЕ СЕ ИЗГЛАСА ЗАВРШНАТА СМЕТКА, МОЖНО Е ДА СЕ РАСПУШТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

    АКО В ЧЕТВРТОК НЕ СЕ ИЗГЛАСА ЗАВРШНАТА СМЕТКА, МОЖНО Е ДА СЕ РАСПУШТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛАНа денешната седница на Комисијата за финансии на која се разгледуваше завршната сметка не присуствуваа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, иако сметката преку Секторот за финансии ја поднесува градоначалникот кој е од нивните редови. (Фото: СДК.МК)

    Ако на седницата в четврток не биде изгласана завршната сметка на Општина Битола за 2023 година, се исполнува еден од условите за распуштање на битолскиот Совет. Советничките групи меѓусебно се обвинуваат дека некои нема да ја гласаат сметката што ќе донесе до нови избори за советници. На денешната седница на Комисијата за финансии на која се разгледуваше завршната сметка не присуствуваа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, иако сметката преку Секторот за финансии ја поднесува градоначалникот кој е од нивните редови.

    Додека траеше комисиската расправа, тие објавија соопштение со обвинувања дека претседателката на Советот Габриела Илиевска од независната советничка група Понаку неколку месеци не ги става на дневен ред  точките кои се предлагаат од општинската администрација и градоначалникот, со што се врши класична цензура и кршење на законот. Поради ваквата ситуација, соопштија, голем број проекти за кои се добиени грантови остануваат нереализирани, а отежнато е и функционирањето на јавните претпријатија. За седницата в четврток предлагаат точки на дневен ред за кофинансирање на велосипедските патеки преку прокетот „Смарт фор ју ту“, измени на развојните планови, во буџетот, планови за работа на јавни претпријатија и друго.

    „Доколку овие точки не бидат поставени на дневен ред и не бидат изгласани, со кои ќе се одблокираат процесите во Општина Битола, очекуваме дека сегашното мнозинството во Советот од страна на СДСМ, Поинаку, Левица, ДУИ и ДОМ да не ја усвојат завршната сметка на Општина Битола и со тоа настапуваат услови за распуштање на Советот и организирање на нови избори“, соопшти  ВМРО-ДПМНЕ, која пред неколку месеци го изгуби советничкото мнозинство.

    Претседателката на Советот  Илиевска изјави дека денес сме сведоци „како ВМРО-ДПМНЕ настапува против ВМРО-ДПМНЕ“.

    „На почетокот на Комисијата, кажав дека е стигнато писмо од Министерството за финансии кои одлуки не можат да се носат, а повторно се врши јавен пристисок Советот да донесе одлуки кои се косат со забраните во време на избори. Бараат точки за кои и самите знаат дека никој нема да се усуди да ги потпише. Седум или осум пати неизгласана точка не може да биде предмет на разгледување на седница, посебно не во време на избори“, изјави Илиевска и додаде дека градоначалникот не ги почитува одлуките на Советот и има изгласани одлуки, а неспроведени.

    „Доколку се распушти Советот тоа би значело целосна блокада на Општината, јавните претпријатија, градинаките и училиштата. Во Тетово, во идеални услови кога немаше други избори од март, дури во август имаше избори, а ние ќе се соочиме со блокада. Ќе запрат многу работи, ќе се соочиме со немање плата во ЈП, пари за социјални случи, талентирани ученици, но најважно ќе биде што градоначалникот и неговата екипа ќе ги спроведуваат тендерите“, вели Илиевска.

    Од Левица нивниот став ќе го изнесат в четврток на седница, а од СДСМ велат дека ќе ја поддржат завршната сметка зашто во неа се состојат проекти за граѓаните.

    „Ова ми е втор мандат како советник и досега не се случило советниците од владеачкото мнозинство да не присуствуваат на разгледување на завршната сметка што ја поднесува градоначалникот. Навестуваат најверојатно таа да не биде изласана, нешто што тие го донесле со буџетот од претходната година. Мое размислување е дека ќе бараат распуштање на Советот поради други цели, а тоа е спасувањето на соствената кожа “, рече Борче Корлевски од СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира