Недостигот на вода ризикува да предизвика конфликт помеѓу земјите од Европската Унија, кои се неподготвени за глобалното затоплување, на што Европската комисија ќе предупреди следната недела, стои во документ до кој дојде сајтот „Политико“.
Европската комисија ги замоли владите од ЕУ да го забрзаат темпото на нивните подготовки за да можат да се спротивстават на климатските промени, тврдејќи дека не го постигнале она што е неопходно. ЕК смета дека недостигот на вода е проблем кој се заканува на речиси секој аспект од животот.
„Овие ризици можат да се манифестираат во повеќе форми, вклучувајќи зголемена конкуренција за водните ресурси, а постои и ризик од конфликти во и меѓу земјите-членки околу прекуграничните водни ресурси“, се наведува во нацрт-документот.
Некои региони веќе се расправаат околу снабдувањето. Каталонија, која е погодена од суша, се обидува да ја убеди централната шпанска влада да ја пренасочи речната вода од соседниот Арагон, поттикнувајќи политички тензии. Во Франција минатата година имаше жестоки судири околу плановите за резервоари за вода.
Сушите и поплавите се само некои од климатските закани со кои се соочува Европа. Европската агенција за животна средина идентификувала 36 клучни ризици за Европа, при што неколку од нив веќе се на катастрофално ниво и бараат итна акција.
„ЕУ може да очекува уште катастрофи како суши, поплави, шумски пожари, болести и структурални промени во природата, но блокот не се подготвува за овие ризици“, вели Европската комисија.
Што се однесува до ризиците поврзани со вода, ЕК проценува дека ЕУ би можела да има годишни штети од 1.600 милијарди евра предизвикани од крајбрежни поплави.