Реномираниот македонски режисер Иван Поповски ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ).
Поповски речиси 30 години живее во Русија, во врвот на културната елита и постави театарски и оперски претстави кои беа оценувани со најпозитивни рецензии. Претставите на Поповски, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги имаат добиено престижните награди „Кристален турандот“, „Музичкото срце на Русија“ и „Златен витез“ и медалот „Пушкин“.
Уметничкиот директор на Операта, Орце Ицковски, ни рече дека пробите се во тек, Поповски работел до скоро со екипата и солистите, периодов е во Москва, но ќе се врати на крајот за две недели и ќе ја докомплетира претставата.
„За првпат имаме можност да соработуваме со Поповски. Посебно ни е драга соработката со Иван, како наш врвен светски режисер“, ни рече Ицковски.
Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ ќе учествуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.
Последен пат Поповски во Македонија режираше во 2015, кога во Македонскиот народен театар ја постави претставата „Мајторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков. Во 2017 дојде во Скопје со фестивалот „Иван се враќа дома“ со три негови исклучително скапи и технички комплицирани претстави, во продукција на матичниот театар „Мастеркласаја на П. Фоменко“.
- ПУБЛИКАТА СЕ РАСТАЖИ ШТО ЗАВРШИ ТЕАТАРСКИОТ ПРАЗНИК НА ИВАН ПОПОВСКИ ВО СКОПЈЕ
- РУСКА ИНВАЗИЈА НА ИВАН ПОПОВСКИ ВО МНТ, 403 ПАРЧИЊА ОБЛЕКА САМО ЗА „АЛИСА“
Б. НЕСТОРОСКА