НЕМА ВЕЌЕ БРЗИ КРЕДИТИ БЕЗ ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, МИНИСТЕРОТ БЕСИМИ КОНЕЧНО ДОНЕСЕ ПРАВИЛНИК ЗА ЗАШТИТА ОД ИЗМАМИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ КАРТИ

НЕМА ВЕЌЕ БРЗИ КРЕДИТИ БЕЗ ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, МИНИСТЕРОТ БЕСИМИ КОНЕЧНО ДОНЕСЕ ПРАВИЛНИК ЗА ЗАШТИТА ОД ИЗМАМИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ КАРТИНе е познато дали граѓаните на чие име некој измамник зел брз кредит ќе ги враќаат парите, или ќе се бара опција да се спасат (Фото:СДК.МК)

Министерот за финансии Фатмир Бесими конечно донесе Правилник за заштита на граѓаните од подигање брзи кредити на нивно име од трети лица. Правилникот е објавен два дена откако САКАМДАКАЖАМ.МК минатата сабота објави дека на таков правилник се чека повеќе од осум месеци.

Отсега натаму финансиско друштво нема веќе да може да дава брз кредит  онлајн, само со фотографии од лична карта која може да биде украдена или најдена откако некој ја изгубил. Ќе мора со строга идентификација на барателот и со негово задолжително физичко присуство, ако барателот не ги прима парите на сметка, туку сака да бидат уплатени директно во некоја продавница.

Ако барателот ги прима на своја жиро сметка, тоа ќе оди со електронска проверка, со строго утврдената процедура со закон.

Финансиските друштва за брзи кредити, кои со години никој не ги контролира како и кому ги даваат парите, станаа кошмар за многу граѓаните кои иако никогаш не зеле таков кредит, добиваат известување дека треба да враќаат суми со високи лихварски казни за неплатен долг.

Оваа тема ја отвори Народниот правобранител Насер Зибери во јули минатата година.

Како што дознаваат дека некој ги задолжил крадејќи им го името, презимето, матичниот број и адресата, и дека должат пари за кредит што не го зеле, оштетени граѓани пријавуваат во МВР, но повеќето од нив, од страв од извршител, им ги враќаат на финансиските друштва туѓите долгови.

Две од тие жртви на измамници со брзи кредити зборуваа за САКАМДАКАЖАМ.МК и тие имаа поднесено претставки пред Народниот правобранител. Едната жртва е лице со тешка попреченост (церебрална парализа), кого измамниците го нашле на фејсбук. Со неговата лична карта, и покрај тоа што родителите ја поништија и за тоа ги известиле финансиските друштва, тие продолжиле на измамниците да им одобруваат брзи кредити со неважечката лична карта. На невидено, само со телефонско јавување или со е-пошта. Родителите од страв ги вратиле долговите, но за последниот кредит што финансиското друштво му го одобрило на измамникот/измамниците, тие повеќе немаат пари да го вратат. Исплашени, чекаат извршител или тужба и бесуспешно ја молат државата да ги заштити.

Во другиот случај, на медицинска сестра од скопска болница, додека на работа била со пациенти, некој ѝ ја зел ташната, го нашол паричникот со личната карта, ја сликал, и ја вратил назад на место. По неколку месеци таа доживува шок – ѝ стасува известување дека треба да врати долг на финансиско друштво во висина од 165.000 денари, брз кредит кој таа никогаш не го барала и не го зела.

Правилникот за начинот на управување со кредитниот ризик на финансиско друштво е донесен во вторникот. Во членот 13 се пропишува:

Финансиското друштво врши идентификација и ажурирање на податоците на клиентите и  кокредитобарателите на следните начини:

1) со физичко присуство во седиштето на финансиското друштво или во некоја од неговите  регистрирани подружници и

2) со употреба на средства за електронска идентификација во рамки на регистрирана шема за  електронска идентификација на високо ниво на сигурност, согласно со закон.

При идентификацијата на клиент, финансиското друштво ги обезбедува најмалку следните  податоци:

– име и презиме,

– единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ),

– број на важечка лична карта и/или пасош,

– адреса на живеење,

– електронска пошта (ако клиентот има електронска пошта и има намера да аплицира  електронски),

– телефонски број (фиксен или мобилен број доколку клиентот има намера да аплицира  електронски),

– назив на работодавач (за клиенти во работен однос).

По исклучок од ставот 1 на овој член ако средствата се исплаќаат на личната платежна  сметка на клиентот, финансиското друштво не треба да врши идентификација и ажурирање на  податоците на клиентот.

Ако клиентот има промена во наведените лични податоци, ажурирањето финансиското друштво ќе мора да го прави исклучиво со физичко присуство на тој клиент. Во Правилникот изрично се наведува дека „Финансиското друштво нема да одобри потрошувачки кредит по електронски пат на физичко лице, ако некој податок во апликацијата или во доставените докази се разликуваат од податоците од член 13 став 2 од овој Правилник, кои се дел од кредитното досие. Ако во моментот на физичката идентификација клиентот нема изразено намера да аплицира електронски, при што не ги навел податоците од член 13 став 2 алинеи 5 и 6 од овој правилник, а потоа аплицира електронски, финансиското друштво нема да одобри потрошувачки кредит по електронски пат“.

Законот за финансиски друштва кој не ги регулира овие детали, беше донесен во јули минатата година, а правилникот дури по 8 месеци.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира