ДРВО СО ПАРИ

Ова економскиов раст многу напорен бил, да одмориме уште малку

ДРВО СО ПАРИ

1 На пет дена до парламентарните избори и вториот круг претседателски избори, ми се чини беспредметно да се анализира кој што кажал на митинзите, кој како се однесувал во кампањата и кој што одговорил во предизборните дуели. Имам чувство дека досега веќе сите имаат одлучено за кого ќе гласаат и дали воопшто ќе гласаат.

Мене единствено ме интересира, кој сето ова ќе го плати? Вака, така, се собраа  комај две цели неработни недели, што државен, што верски празник, што неработна среда за избори, па уште и пролетен школски распуст баш оваа година решија да воведат како реформа во образованието, па слободен ден, па лански одмор… Од каде пари?

2 Слушам, СДСМ ќе ги зголемува платите. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголемува пензиите. Ене ги уште лицитираат со бројки. И бруто домашниот производ ќе расте. И тоа многу ќе расте. Дај нека кажат на кое дрво растат парите, па и ние да одиме да набереме. Да не знаеш со кого си имаш работа, ќе си речеш овие заслужиле со двете раце да ги гласаш. Ама, ги знаеме. Сите ликови што ги гледаме како ветуваат на митинзите немаат некоја историја на домаќинско трошење на парите на даночните обврзници. А многумина од нив не знаат ни што значи да ги заработиш. Башка, и да ветат дека помалку ќе крадат, сетики некој ќе мора да го заработи и нивниот дел.

Прашањето: Од каде пари?, е сосем нормално во светот на возрасните. Особено во држава во која што партиите негуваат клиентелизам и на избори гледаат да им удоволат на своите гласачи што ги напикале во државна администрација. Никој не знае ни колкумина се – кој привремено, кој стално, кој за плата, кој за хонорар, кој и без договор само грее столче за секој случај, да не дојде друга партија на власт, па друг да му го земе столчето, со измислени позиции „помошник на референтот за реферирање“… Па уште и со Синдикатите шуруваат, со сите што се на државна плата. Ним да им ги покачат платите за да ги гласаат, а ние што треба да ги заработиме и нашите и нивните плати треба да бидеме среќни ако не ни го згрешат името во изводот на родени.

Кој ќе им го направи растот на бруто домашниот производ што го ветуваат? Администрацијата ли? Со грешките што ги прави и никому ништо не му фали? Или со неодењето на работа?

3 Не е дека не го знам одговорот на прашањето кој сето ова ќе го плати? Ќе платиме ние, даночните обврзници. Ама, праша ли некој, можеме ли? До кога? Ни таа администрација нема да има од што да живее, ако нема кој да им ги заработи платите. Треба да се заработи сегашната плата, идната зголемена плата, идната зголемена пензија, платените денови кога администрацијата не оди на работа, врзаните празници, да се отплаќаат долговите на државата и плус приватните бизниси треба да инвестираат да ја зголемат профитабилноста за да го остварат замислениот раст на политичарите.

Е тоа, очигледно уште  не им е дојдено на ум на партискиве елити. За волја на вистината, ни на голем број од гласачите. Затоа и вакви ветувања што се неодржливи се повторуваат и поминуваат.

Кога гласачите ќе бидат доволно свесни да прашаат: А кој сето ова ќе го плати?, тогаш и политичките лидери барем два пати ќе помислат пред да ги изнапишат сите тие ветувања.

4 Се гледаме на 8 мај. По 9 мај ќе му ја мислиме.

Среќни празници.

Без грижа, по Велигден, еве каде е и 24 мај, па и Задушница ни доаѓа идниот месец. Ова економскиов раст многу напорен бил, да одмориме уште малку. Па после, ќе се фатиме за работа. Ќе треба да им се платат и деновите кога ќе си раскажуваат кај биле и како си поминале на празниците.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира