Група жени ги предупредуваат другите да ги проверат партнерите кои ги запознале преку апликациите за запознавање, откако еден измамник на нивно име земал брзи кредити во вредност од илјадници евра. Питер Греј (35), кој запознавал жени на Тиндер, беше приведен откако измамил четири жени за околу 93.000 евра.
Една жртва рече дека Греј целосно ѝ го уништил животот. Од Тиндер изјавија дека „имплементирале различни начини за да ги предупредат корисниците за потенцијални измами“.
Греј во февруари беше осуден на 56 месеци затвор и му беа дадени наредби за ограничување во однос на жртвите. Во изјава за Би-Би-Си Радио 5, жена која се претставила како Џесика опиша како го запознала Греј на апликацијата во 2018 откако излегла од шестгодишна врска.
„Иако не беше мој тип, беше добар слушател и сѐ што ми требаше во тоа време“, рече таа и додаде дека на нивниот трет состанок била во неговиот стан и отишла во тоалетот.
„Ја оставив чантата на неговата трпезариска маса и додека не бев во собата, тој ми ги земал возачката дозвола и двете кредитни картички и ги фотографирал“, рече таа.
Подоцна открила дека на нејзино име биле земени заеми до 10.480 евра. И покрај тоа што Греј понудил да ѝ ги враќа парите на рати, Џесика отишла во полиција.
Хана, друга жена која го запознала Греј на Тиндер, го опишала како првично смирен човек, но нешто „не одело како што треба“. Една недела подоцна, откако Хана решила да ја прекине врската, добила писмо за потврда за заем од 23.300 евра на нејзино име. Двојката ја обновила врскатa неколку месеци подоцна откако Греј ѝ давал подароци и ѝ изјавувал љубов, но таа подоцна го оставила.
Греј ја повтори шемата уште еднаш со Елизабет в0 2020. Два дена пред да се пресели во нејзината нова куќа, хипотеката на Елизабет била повлечена откако Греј ја искористил возачката дозвола за да си обезбеди заем од околу 11.600 евра на нејзино име.
Во соопштението, од Тиндер рекоа дека „дејствуваат за да помогнат во спречувањето и предупредувањето на корисниците за потенцијални измами или измами со користење на алатки за вештачка интелигенција“.