ПРИЛЕПЧАНКА ИЗМАМEНА ПРЕКУ ТЕЛЕФОН, ПЛАТИЛА 6 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВНУКА Ѝ ДА НЕ ОДИ В ЗАТВОР ЗА ЛАЖНА СООБРАЌАЈКА, МВР АПЕЛИРА СИТЕ ВАКВИ ПОВИЦИ ПРВО ДА СЕ ПРИЈАВАТ НА 112 ИЛИ 192

    ПРИЛЕПЧАНКА ИЗМАМEНА ПРЕКУ ТЕЛЕФОН, ПЛАТИЛА 6 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВНУКА Ѝ ДА НЕ ОДИ В ЗАТВОР ЗА ЛАЖНА СООБРАЌАЈКА, МВР АПЕЛИРА СИТЕ ВАКВИ ПОВИЦИ ПРВО ДА СЕ ПРИЈАВАТ НА 112 ИЛИ 192СВР Битола апелираше, посебно до повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични информации добиени од непознати лица и секој таков случај да го пријават на 112 и 192 или во најблиската полициската станица. (Фото: СДК.МК)

    И покрај апелите од СВР Битола до граѓаните да не веруваат во телефонски јавувања дека нивни блиски направиле сообраќајна несреќа, измамниците и понатаму продолжуваат со истата финта да ограбуваат битолчани и прилепчани. Последна жртва во мрежата на измамниците е 76-годишна прилепчанка, која платила 380.000 денари (околу 6.100 евра) за да не оди в затвор внуката која наводно направила сообраќајна несреќа и удрила дете мигрант.

    Според полицискиот билтен, прилепчанката пријавила дека била измамена од машко лице кое на 15 мај телефонски ѝ се јавило, претставувајќи се како полициски инспектор и ѝ кажало дека нејзината внука во сообраќајна несреќа во Охрид удрила дете мигрант. Тој ѝ кажал дека родителите на детето бараат пари, а ако не им даде, нејзината внука ќе оди в затвор 10 години. Така, прилепчанката се согласила да даде пари кои следната вечер во нејзиниот дом ги подигнала жена.

    Полицијата презема мерки за расчистување на случајот. Неколку дена претходно, СВР Битола соопшти дека до нив стасуваат пријави од измамени граѓани за наводни сообраќајни несреќи во кои учесници се блиски членови на нивните семејства, па за да ги спасат да не одат в затвор, измамниците бараат да платат големи суми пари. СВР Битола апелираше до граѓаните, посебно до повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични информации добиени од непознати лица и секој таков случај да го пријават на телефонскиот број 112 и 192 или во најблиската полициската станица.

    Вакви измами граѓаните имаа пријавено и во ноември 2022 година, а тие зачестија во последно време.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира