Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами пред почетокот на предизборната кампања, најави изградбата на нов фудбалски стадион во Тетово на местото на постојниот и веднаш започна со негово рушење. На оваа негова активност дојде реакција од Даријан Сотировски, актуелен директор на Комисијата за односи со верските заедници, кој е и жител на Тетово каде што вели дека рушењето на постојниот Градски стадион претставува уништување на државен имот од страна на Општина Тетово.
„Владата на Р. Македонија на 19.08.2015 година донела Одлука со која Градскиот стадион во Тетово го доделила на трајно користење на Општина Тетово. На ден 27.09.2023 година Советот на Општина Тетово донел незаконска Одлука бр. 08-12322/67 спротивна на чл. 18 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со која Градскиот стадион во Тетово го доделил на трајно користење на Јавното претпријатие Тетово транспорт, иако согласно прекршената одредба надлежност да дава корисничко право на државен имот има само и само Владата. Согласно закон користењето на стварите подразбира само право на нивна непосредна употреба. Корисникот нема сопственост, а со тоа ниту ги ужива правата на сопственик, односно не смее да ја менува или располага стварта која ја користи, уште помалку смее со багер истата да ја руши, или да ја пренесе на друг за тој да ја сруши. Тоа е каубојско самовластие и уништување на државен имот“, вели тој.
Според Сотировски, ваквото однесување на Општината претставува уништување на државен имот.
„Друг проблем е што во моментов не постои Одобрение за градење, ниту Решение за рушење, ниту соодветни елаборати. Издадено е само Решение за подготвителни работи на инвеститорот Тетово транспорт кој нема законски засновано корисничко право, а кое подразбира само оградување на објектот и поставување помошни објекти. Рушењето на објектот кое го започна и лично првиот човек на општината е досега невиден чин на уништување на државен имот“, посочува Сотировски.
Тој исто така наведува дека поднел Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово, а исто така поднел претставка и до Државното правобранителство кое е орган повикан да го штити државниот имот.
„Вчера на 16.05.2024 година добив писмено произнесување од Државното правобранителство со кое ги потврдува моите наводи и утврдува прекршување на Законот. Исто така ме информираат дека покренале иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот“, вели Сотировски.
Градскиот стадион е отворен во 1981 година кога ФК „Тетекс“ влезе во Првата југословенска фудбалска лига, и тогаш тој стадион се сметаше меѓу од најубавите во државата и имаше капацитет од над 15.000 седишта. Стадионот го градеше тогашниот текстилен гигант Волнарскиот комбинат „Тетекс“, а во изградбата учествуваше и Република Македонија.
Во ноември 2023 Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово Транспорт“, кое долг период е во загуба, распиша тендер за изградба на стадионот, по што се склучи и договорот со фирмата во март 2024 година. Од Општина Тетово велат дека реконструкцијата ќе чини 600 милиони денари или околу 10 милиони евра.
З. АНДОНОВ