БИЛАЛ КАСАМИ ОСТАНУВА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, НЕМА ДА БИДЕ ПРАТЕНИК НИТУ МИНИСТЕР

    БИЛАЛ КАСАМИ ОСТАНУВА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО, НЕМА ДА БИДЕ ПРАТЕНИК НИТУ МИНИСТЕРКасами вели дека останува на градоначалничката функција оти има многу работи кои се започнати во Тетово и треба да се завршат.(Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами нема да биде министер во новата Влада, ниту пратеник иако беше носител на коалицијата  ВЛЕН (Вреди) во Шестата изборна единица. Додека интензивно траат преговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди за формирање нова Влада, Касами вели дека и понатаму ќе ја задржи функцијата градоначалник на Тетово. Според него, со новото владино мнозинство во кое дел ќе биде и движењето БЕСА, а кое е дел од коалицијата Вреди, Тетово ќе добие многу подобри услови за понатамошен развој отколку во досегашниот период кога со Општина Тетово се управуваше како опозиција.

    „Јас останувам да го водам Тетово затоа што веќе го имам поминато половина од мандатот и има многу работи кои се започнати во овој период и треба тие да се завршат. Трката за парламентарните избори беше трка за промени и јас бев свесен дека морав да бидам дел од таа трка, бидејќи не можев да стојам и да гледам што се случува. И сега, кога е направена таа промена, сигурно е дека некој мора да продолжи и да работи на локално ниво. Во ситуација кога ќе ја имаме и Владата како наша поддршка, се надеваме дека ќе направиме многу добри работи за граѓаните и на локално и на централно ново“, изјави Касами.

    Од Шестата изборна единица коалицијата Вреди доби 7 пратенички места. На местото на Касами, ако се откаже од пратеничката функција, треба да дојде Имрлие Салиу-Фетаи  од редовите на Алтернатива.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира