На 28 мај во 11 часот ќе се одржи конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска одржа состанок со претставници на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално беше одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај.
Во согласност со Деловникот, со конститутивната седница до изборот на новиот претседател треба да претседава највозрасниот по години пратеник. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику.
На конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.
Во новото Собрание, ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, СДСМ и ДУИ по 18, Вреди 14, Левица 6 и ЗНАМ 6.