ИЗИИС ПОЧНА СО ИСПИТУВАЊА ДАЛИ ЧЕЛИЧНАТА КОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА Е ОШТЕТЕНА ОД ПОЖАРОТ

    ИЗИИС ПОЧНА СО ИСПИТУВАЊА ДАЛИ ЧЕЛИЧНАТА КОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНАТА САЛА Е ОШТЕТЕНА ОД ПОЖАРОТУниверзална сала се запали на 9 април. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Екипи од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) почнаа со испитувања на опожарената Универзална сала во Скопје. Стручен тим испитува дали челичната конструкција и куполата кои беа поставени пред неколку месеци се оштетени во пожарот.

    „Изведувачот нѐ извести дека е направена првична проценка од страна на ИЗИИС и дека во тек е детално лабораториско испитување на состојбата на конструкцијата. По обезбедувањето на извештајот и во зависност од состојбата и насоките дадени во истиот, изведувачот ќе продолжи со изведбата“, велат од Министерството за култура.

    Универзална сала се запали на 9 април, само еден месец откако по пауза од две години продолжија градежните работи за реконструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал-Балкан“ рекоа дека најверојатно се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.

    Екипи на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството после пожарот извршија увид, но досега нема информации која е причината поради која се запали Универзална сала.

    Реновирањето на Универзалната сала се најавува над 15 години, но не само што не е обновена, туку објектот девет години е затворен. Власта на ВМРО-ДПМНЕ направи цел проект „Скопје 2014“ и потроши 700 милиони евра за згради и споменици, а пари за Универзална не најде. СДСМ откако дојде на власт во 2016 зборуваше дека ќе ја реновира, но тоа не беше направено и заминува од власт со изгорена сала. За ДУИ, која 20 години беше на власт и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, Универзалната сала не е предмет на интерес.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира