По маратонска, целодневна седница на претседателството, Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети, вчера не успеа да постигне согласност да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски. Причините за непостигнувањето конечен договор Ахмети синоќа не ги посочи. Рече дека претседателството анализирало аргументи цел ден и оти тоа ги разгледува сите пет можности околу преговорите за нова влада.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети по завршувањето на седницата изјави дека сите опции се уште се отворени.
“Се анализираат сите опции за што подобра одлука на Албанците и за сите граѓани на Република Македонија, Албанци, Македонци, Срби, Роми, Власи…и тие се дискутираат“, рече Ахмети синоќа околу 22 часот.
Ако се договори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Никола Груевски со лидерот на ДУИ Али Ахмети дека ќе формираат мнозинство во Парламентот и ќе прават влада, до полноќ мандатарот треба да достави до Собранието предлог – владин кабинет и програма за работа и да покаже дека има обезбедено подршка од 61 пратеник. Потоа, во наредните денови би се свикала собраниска седница за избор на новата влада, за избор на претседател на Собранието и потпретседатели.
ДУИ продолжува со состанокот денеска во 14 часот. Доцна попладне ќе ја сопшти одлуката со кого би одела во коалиција, со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ.
Неофицијално потпретседателите на ДУИ Невзат Бејта, Теута Арифи и Изет Меџити сношти биле на разговор во СДСМ. Во СДСМ не кажуваат ни дали биле дојдени, ни зошто биле дојдени, а Ахмети на љубопитноста на новинарите синоќа одговори: „“Јас сум претседател на партијата и знам секој каде се наоѓа и знам што задача сум му дал“, рече лидерот на ДУИ.
Градоначалникот на Гостивар Незат Бејта, член на претседателството на ДУИ, на 19. овој месец, кога во општината му упадна финансиската полиција, изјави дека “вистинскиот криминал е во Владата, a не во општина Гостивар“. Финансиската полиција ги чешлаше документите за инфраструктурен проект во општината, веднаш по неговата изјава дека Албанците не сакаат коалиција со Никола Груевски.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, пак, пред три дена ја најави маратонската дебата на раководството на ДУИ. Притоа го кажа нејзиниот став. Тој, рече Арифи, се темели на потпишаното во Пржино, кој е и став на меѓународната заедница. Дел од точките во Пржинските договори 1 и 2, пак, се преточени во заедничката Платформа на Албанците од Македонија, од која, пак, се извлечени основните точки за преговарање за нова влада: албанскиот јазик, СЈО и евроинтеграцијата.
“Нашиот претседател се сретна со лидерите на двете партии, и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, каде ги кажа нашите позиции за кои нема да преговараме, а тоа е прашањето за албанскиот јазик и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Има комуникации во однос на дообјаснување на овие прашања, но класични преговори нема. Сите ние сме свесни дека има меѓународна сериозна порака да имаме кредибилна влада, во однос на одговорностите од Пржинскиот договор, заедно со СЈО, обврските кои се преземени во извештајот на Прибе, според мене ова е кредибилно“, рече Арифи пред три дена во ТВ интервју.
Таа јавно потсети дека за ДУИ меѓународните пораки се клучни и оти токму поради тоа има внатрешна дебата во партијата.
Пред една недела, пак, членот на раководството на ДУИ Бујар Османи, во интервју кажа дека за продолжувањето на мандатот на СЈО во преговорите за нова влада ДУИ не прави компромис и оти мисли дека претседателството на партијата нема да се согласи во новата влада да има осомничени функционери од страна на Специјалното обвинителство.
Неофицијално, на овој став се и поранешниот министер за земјоделство Садула Дураку и градоначалникот на Чаир Изет Меџити, кои се во највисокото раководство на партијата.