НЕМА ФАНТОМСКИ ПАЦИЕНТИ НА КАРДИОХИРУРГИЈА, СИТЕ ИМААТ ИСТОРИЈА НА ХАРТИЈА, А НЕ Е ТОЧНО НИ ДЕКА Е ЗГОЛЕМЕНА СМРТНОСТА, РЕЧЕ РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР Д-Р ШОКАРОВСКИ

    НЕМА ФАНТОМСКИ ПАЦИЕНТИ НА КАРДИОХИРУРГИЈА, СИТЕ ИМААТ ИСТОРИЈА НА ХАРТИЈА, А НЕ Е ТОЧНО НИ ДЕКА Е ЗГОЛЕМЕНА СМРТНОСТА,  РЕЧЕ РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР Д-Р ШОКАРОВСКИНекој оркестрирано сака да ја уништи државната Кардиохирургија, рече д-р Шокаровски на прес-конференцијата со поддршка на од голем број вработени на Клиниката. (Фото: К. Попов)

    Моето разрешување е незаконско, нема фантомски пациенти и не е точно дека е зголемена смртноста на Клиниката за кардиохирургија, рече денеска д-р Марјан Шокаровски. Министерот за здравство Илир Демири на 27 мај го разреши д-р Шокаровски од функцијата директор на Клиниката, бидејќи, како што рече, добил извештај од комисијата што ја формирал дека е зголемена смртноста на Клиниката, за 170 пациенти нема отпусни листи и умреници во „Мој термин“ и имало нарушени меѓучовечки односи на Клиниката.

    Шокаровски денеска, поддржан од голем број вработени на Клиниката, одржа прес-конференција која ја почна со изјавата дека некој оркестрирано сака да ја уништи државната Кардиохирургија. Шокаровски кажа дека неговото разрешување е незаконско, бидејќи министер во техничка Влада нема ингеренции да назначува и разрешува и побара од соодветните институции да го испитаат случајот.

    „Нема фантомски пациенти. Сите пациенти имаат отпусно писмо на хартија и историја на хартија. Тоа што ги нема во ‘Мој термин‘ е поради софтверски проблем помеѓу нашата и платформата на ‘Мој термин‘. Тоа не е од сега, со месеци е тој проблем”, рече Шокаровски.

    За извештајот на комисијата на кој се повика министерот, Шокаровски вели дека не го видел, но дека го правеле лица кои не се врзани со кардиохирургија и кардиохируршки пациенти.

    „Меѓу нив е лице кое ми беше противкандидат за директорската позиција, така што се доведува во прашање неговата објективност”, рече Шокаровски.

    За наводите за смртноста, д-р Васил Папастиев презентираше статистика изработена од Кардиохирургија, според која, не е зголемена смртноста, напротив, намалена е, но е зголемена комплексноста на здравствените проблеми на пациентите.

    „Тие бројки што се објавија во некои медиуми се како на пример вака: метеоролозите да кажат дека во Скопје просечната температура е 42. А ја мереле во 12 часот во јули“, рече д-р Папастиев.

    На прес-конференцијата зборуваше и д-р Надица Мехмедовиќ, која кажа дека кај нив работи врвен персонал со голем професионализам, каде нема простор за нарушени меѓучовечки односи.

    За време на сите изјави на докторите, персоналот аплаудираше, исто како што лани го поддржаа д-р Сашко Јовев, кога тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити го разреши од функцијата директор.

    На новинарско прашање каде е денес д-р Јовев, д-р Шокаровски рече дека сите вработени биле известени за настанот и кој сака може да присуствува.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира