ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА ПОБАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ПРИЈАВИ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧИЊА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА ПОБАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ПРИЈАВИ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧИЊАОпштина Битола предлага со секоја пријава за каснување од улично куче крим техника да изврши фотографирање и опис на раните. (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот градоначалник Тони Коњановски до Основното јавно обвинителство поднесе иницијатива за отворање на постапка и спроведување истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до Општината. Тој побара
    Обвинителството да спроведе соодветна постапка, анализа, но и истрага при што ќе бидат oстранети сите сомнежи кои постојат за лажно пријавување каснување од улично куче или ќе се утврди кривична одговорност против оние кои извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се стекнале со материјална корист.

    „Иницијативата произлегува по укажувањата од надлежните служби, но и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче-скитник, кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета“, соопшти Коњановски.

    Тој додаде дека Општината стои на располагање на ОЈО да ги достави сите потребни списи од овие предмети, и останата документација на увид.

    Покрај укажувањата, правните застапници до градоначалникот и општинскиот Совет, предлагаат изнаоѓање на можни начини за разрешување на проблемот. Ја наведуваат потребата од систематска соработка со Клиничка болница Битола и МВР. Според нив, потребно е да се издејствува објективност во извештаите на докторите кои ги прегледуваат пациентите. Во нив јасно да наведат дека анамнезата е исклучиво по кажување на пациентот, а дека тие не можат да потврдат дека раната настанала од животно. Да не се поставува дијагноза рана од каснување од куче, туку да биде само рана, а од што е настаната да биде предмет на докажување. Во извештаите да има задолжителен опис на повредата- големина, местото, старост и останати карактеристики.

    За МВР Битола предлагаат со секоја пријава скитник крим техника да изврши фотографирање и опис на раните. Да бара податок за приближно точно време на касснувањето и точна локација на настанот за да се изврши проверка преку видео снимки од околни објекти или лица кои биле на тоа место.

    Иницијативата на Коњановски доаѓа откако Државното обвинителство за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека надлежните институции треба да ги документираат сите сомнежи за лажно пријавување каснување од улично куче заради отштета и да поднесат пријави до надлежните Обвинителства со цел откривање на евентуални организирани криминални спреги со исплатата на обесштетувањето. Во повеќе општини низ државата постојат сомнежи за мрежи со кои лажно се пријавува каснување од куче во полиција, лекари даваат лажни потврди, а адвокати тужат за отштета, со што од општинските буџети се излеваат стотици илјади евра годишно, а сумата расте од година в година.

    Реадакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК преку платформите ПРИЈАВИ КОРУПЦИЈА и ПРИЈАВИ ПРОБЛЕМ доби десетици укажувања на читатели од разни општини во кои укажуваат на сомнеж за коруптивна мрежа во која се вклучени адвокати, лекари, полицајци и вработени во локалните власти, по што Обвинителството побара од локалните власти да дадат повеќе податоци на кој начин се врши исплатата на отштетите.

    Советникот и заменик-градоначалник на Битола, Бојан Бојковски, на седницата на општинскиот Совет на 22 мај јавно кажа дека исти адвокати и лекари по пет пати на ден издавале документи за каснување од куче. Тој во телефонски разговор ни потврди дека се сомнева оти се работи за организирана мрежа.

    „Лично мене телефонски ми се јавиле неколкумина граѓани кои вистински биле каснати од кучиња. Велат уште не излезени од болница, им се јавил адвокат нудејќи им да ја тужат Општината. Граѓаните се прашуваат од каде адвокатот дознал за нивните случаи и од каде им ги дознал телефонскиот број. На некои дури им нудел усна спогодба, тој да ги застапува во тужењето, а кога ќе го добијат случајот и стигнат парите за оштета дел од нив да земе адвокатот, а дел повредениот“, рече Бојкоски.

    Сомнежи за лажни пријави за каснувања од куче имаат и во Град Скопје. Како што изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Град Скопје, тужбите најчесто се поднесени едни исти адвокати и тоа адвокат Дејан Славковски, адвокатско друштво Андоновски и Саздов, адвокат Маја Саздова. Од Градот додаваат дека граѓани им пријавувале и оти адвокатите сами им се јавуваат откако ќе бидат каснати од куче, а во тек на главна расправа дознаваат дека странките воопшто не одат на преглед кај вештото лице, туку тие вештиот наод и мислење го добиваат исклучиво врз поднесена медицинска документација, па оттука и сите наоди и вешти мислења се скоро идентични.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира