ПОСЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ПОКАЖАА ДЕКА СРБИЈА НЕ МОЖЕ ДА ОЧЕКУВА ДЕМОКРАТСКИ ПРОМЕНИ ПРЕД 2027, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА ГРУПАТА БИЕПАГ

    ПОСЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ПОКАЖАА ДЕКА СРБИЈА НЕ МОЖЕ ДА ОЧЕКУВА ДЕМОКРАТСКИ ПРОМЕНИ ПРЕД 2027, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА ГРУПАТА БИЕПАГКако што се предвидуваше, владејачката коалиција победи во речиси сите општини во кои се гласаше на повторените локални избори во Србија (Фото: АП)

    На 2 јуни, во Србија се одржаа повторени локални избори во Белград и во две третини од општините во земјата. Како што се предвидуваше, владејачката коалиција ги доби речиси сите, се вели во анализата на Срѓан Цвијиќ од групата БИЕПАГ, составена од угледни политички истражувачи од Западен Балкан.

    Во Белград, коалицијата предводена од Српската напредна партија лојална на претседателот Александар Вучиќ излезе како победник со 52,6% гласови, второ е новото Граѓанско движење Тргни-Промени со 17,5%, а на третото место се најде Избирам да се борам, делот од поранешната коалиција Србија против насилството што одлучи да не ги бојкотира изборите, со 12,5% гласови. Десничарското популистичко движење Ние-Гласот на народот освои 8,1%, додека другите помали претенденти останаа под прагот за влез во градското собрание. По третиот обид да ја задржи власта во главниот град за две години, владејачката партија конечно успеа.

    И покрај одредена надеж, опозицијата не успеа да го освои мнозинството во Нови Сад и во повеќето општини низ земјата, а таму каде што успеа да ја победи владејачката партија (Ниш, Нов Белград и неколку други), алијансата предводена од Вучиќ се обидува да остане на власт со фалсификување на изборните резултати.

    Постојат две поврзани причини за изборниот пораз на опозицијата: катастрофални изборни услови и слаба излезност, делумно предизвикана од бојкотот од страна на дел од опозицијата.

    И покрај главно формалните прилагодувања од страна на владата, имаше многу малку подобрувања во споредба со изборите на 17 декември. Владејачката партија одржуваше речиси целосна контрола врз медиумите во земјата, претседателот Вучиќ продолжи да го позајмува своето име на нејзините изборни листи со јасно прекршување на уставот на земјата, додека продолжија купувањето гласови, миграцијата на гласачите и изборното насилство врз опозицијата. Токму тие длабоко нерамномерни изборни услови предизвикаа раскол во големата опозициска коалиција Србија против насилството. Додека еден дел (Избирам да се борам) реши да се кандидира, остатокот од проевропската опозиција се одлучи за бојкот.

    Со оглед на тоа што излезноста на локалните избори кога се одржуваат одделно од парламентарните или претседателските избори е традиционално помала во Србија, недостатокот на единство на главниот опозициски блок дополнително придонесе за воздржувањето. За разлика од 17 декември, кога речиси 59 отсто излегоа да гласаат, овојпат излезноста беше само 46,5 отсто. Помалата излезност непропорционално го погоди опозицискиот блок. Споредено со лани, опозицијата изгуби петпати повеќе гласови од владејачката партија. До 2 јуни се изгуби динамиката на повеќемесечните протести што се одржаа во 2023 и надвладеа апатијата на просечниот гласач.

    Интересно е што и покрај проширувањето на коалицијата предводена од Српска напредна партија во еден блок, владејачката партија постојано губи гласови во Белград: од 509.000 во 2018, на 476.000 во 2022 и 411.000 во 2023, до 362.000 на овие избори. По повеќе од 12 години на власт, трендот на намалување на владејачкиот блок во градот Белград е постојан и иако помалку изразен, се одразува и на национално ниво.

    Следните парламентарни и претседателски избори во Србија се закажани за три години. Доколку не се направат амандмани во руски стил во српскиот устав, Вучиќ не може да биде реизбран за претседател. Така, тој ќе се соочи со две опции: или ќе ги следи стапките на Путин и ќе ја претвори земјата во отворена диктатура или ќе се обиде да остане на власт со средства поподложни на процесот на интеграција на Србија во ЕУ.

    Претпоставувајќи дека продолжувањето на претседателскиот мандат преку уставни измени ќе доведе до крај на перспективата на Србија за ЕУ, меѓународен острацизам и веројатно до спирала на насилство слична на онаа од 1990-тите, втората опција изгледа поверојатна. Во ова сценарио, Вучиќ најверојатно ќе продолжи со промена на уставот и ќе ја претвори Србија од полупретседателски систем во парламентарен со послаб претседател, избран од националното собрание. Во двата случаи ќе му треба двотретинско мнозинство во националното собрание, кое во моментов му недостига, освен ако не ги обезбеди гласовите и на десничарското пдвижење Ми и на пратениците на малцинствата. Сепак, прагматичната промена од полупретседателски во парламентарен систем, во комбинација со очекуваното продолжување на падот на популарноста на владејачката коалиција, може да создаде можности за демократска промена на изборите во 2027.

    Со овие перспективи, опозицијата мора да работи на заедничка платформа за да обезбеди редемократизација на земјата до 2027. Само градење на заеднички демократски фронт, составен од сите проевропски опозициски партии, нови граѓански движења како Тргни-Промени, локални движења и конзервативната опозиција, може да го спречи брзото лизгање на Србија кон директен авторитаризам. Колку побрзо престанат меѓусебните препукувања за изборите на 2 јуни, толку побрзо ќе започне борбата за демократска обнова, заклучува Цвијиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира