Пратеникот и мандатар за нова влада Христијан Мицкоски го образложи на денешната втора собраниска седница предлогот на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со кој сака да ги зголеми министерствата од 16 на 20, и покрај тоа што во образложението на предлогот кажа дека станува збор за преиспитување и рационализација, со можност за укинување и спојување на органи на државната управа.
Досега заедно со министерствата без ресор, имаше вкупно 20 места во Владата. Сега, со 4-те безресорски места, Владата ќе има 24 министерства.
За донесување на овој предлог-закон по брза постапка, пред да се формира новата проширена влада, гласаа 74 пратеници, по што предлогот итно отиде да ја помине комисијата за политички систем и законодавно-правната комисија, по што ќе се врати во пленарната сала на гласање.
Со него, треба да дојдат уште 6 гласови, односно пратеници кои не беа меѓу овие 74, за да се изгласа предлог-законот на Мицкоски со двотретинско мнозинство.
Според предложените измени:
1. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците продолжува со работа како Министерство за односи меѓу заедниците, со надлежности утврдени со овој закон;
2. Министерството за надворешни работи продолжува со работа како Министерство за надворешни работи и надворешна трговија со надлежности утврдени со овој закон;
3. Министерството за економија продолжува со работа како Министерство за економија и труд, со надлежности утврдени со овој закон. Министерот за економија и труд ги врши и работите што се однесуваат на надворешна трговија, туризам, енергетика, рударство и минерални суровини се до преземање на вработените во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија;
4. Министерството за труд и социјална политика продолжува да работи како Министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерот за социјална политика, демографија и млади продолжува да ги врши работите што се однесуваат на труд се до преземање на вработените во Министерство за економија и труд;
5. Министерството за култура продолжува да работи како Министерство за култура и туризам, со надлежности утврдени со овој закон;
6. Министерството за информатичко општество и администрација продолжува да работи како Министерство за дигитална трансформација и како Министерство за јавна администрација, со надлежности утврдени со овој закон, како правни наследници на ова министерство. Министерството за дигитална трансформација го задржува единствениот даночен број на Министерството за информатичко општество и администрација, а Министерството за јавна администрација ќе добие нов даночен број најдоцна во рок од три дена од денот на конституирање на Владата.
7. Министерството за транспорт и врски продожува со работа како Министерство за транспорт;
8. Агенцијата за млади и спорт се укинува, а работите од нејзината надлежност преминуваат во Министерството за спорт и во Министерството за социјална политика, демографија и млади;
9. Државниот девизен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на
Министерството за финансии;
10. Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини;
11. Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за
земјоделство, шумарство и водостопанство;
12. Државниот санитарен и здравствен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за здравство;
13. Државниот просветен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука;
14. Државниот инспекторат за труд продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд;
15. Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на
Министерство за економија и труд;
16. Државниот инспекторат за локална самоуправа продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа;
17. Државниот управен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за јавна администрација;
18. Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт;
19. Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање;
20. Секретаријатот за европски прашања продолжува да работи како Министерство за европски прашања.
Ова значи дека ќе има Министерството за економија и труд, кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија, но ќе му се додаде сегментот труд.
Министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега Министерство за социјална политика, демографија и млади. Исто така, дел од надлежностите кои ги имаше досега Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Натаму, дел од ингеренциите кои што ги имаше Министерството за економија во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети во Министерството за култура и туризам. Ќе се формира ново Министерство за спорт, наместо досегашната Агенцијата за млади и спорт, која нема да постои.
Се воведува и Министерство за дигитализација, коешто во суштина ќе ги наследи обврските што ги имаше досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација.
Ќе имаме исто така и Министерството за администрација. Интересно е што во набројаните негови надлежности, реформата на администрацијата која никако не може да почне, а е услов во претпристапните преговори со ЕУ, е дури на 14-то место.
Од донесувањето во 2000 година до денеска, Законот за организација и работа на органите на државната управа претрпе шест измени.
С. К. ДЕЛЕВСКА