ЕУРОКОНТРОЛ ГО ИЗВЕСТИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА ЗА ВРЕМЕ НА УПАДОТ ВО КОНТРОЛНАТА КУЛА ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НЕ БИЛ ЗАГРОЗЕН, ОСТАНУВА НАСИЛСТВОТО И ТЕПАЊЕТО КОНТРОЛОР НА ЛЕТАЊЕ

    ЕУРОКОНТРОЛ ГО ИЗВЕСТИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДЕКА ЗА ВРЕМЕ НА УПАДОТ ВО КОНТРОЛНАТА КУЛА ВОЗДУШНИОТ ПРОСТОР НЕ БИЛ ЗАГРОЗЕН, ОСТАНУВА НАСИЛСТВОТО И ТЕПАЊЕТО КОНТРОЛОР НА ЛЕТАЊЕОбвинението треба да се напише, бидејќи истрагата е завршена. - Контролната кула на Скопскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    Стигнал одговорот од ЕУРОКОНТРОЛ до Јавното обвинителство на Скопје во врска со упадот на Беким Незири со уште седуммина осомничени на 4 јануари во Контролната кула на летање, во М-НАВ.

    Откако во ЕУРОКОНТРОЛ ги разгледале сите докази и околности спакувани од Обвинителството, испратиле мислење дека: „Не е идентификувано загрозување на меѓународниот воздушен простор во моментот на упадот во Контролната кула на М-НАВ“, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од Обвинителството.

    Истрагата беше прогласена за готова, завршена уште во април, се чекаше само мислењето од најрелевантната европска институција за контрола и безбедност на меѓународниот авиосообраќај. Кривичното дело што им се стави на 8-темина бандити кои насилно влегоа во М-НАВ, извлекоа од Контролната кула контролор на летање кој во моментот бил на работното место и го тепаа во ходникот, е „Загрозување на воздушниот сообраќај“.

    Ова кривично дело е тешко и казниво со повеќе години затвор, поради што овие 8 насилници беа и во притвор и во куќен притвор, дури се обезбедуваа доказите и сведоците.

    Мислењето од ЕУРОКОНТРОЛ требаше да го дефинира кривичното дело докрај. Не е познато дали ќе се преквалификува делото после мислењето на ЕУРОКОНТРОЛ, бидејќи како што ни беше кажано, никој не смее на обвинителот кој е на случајот да му се меша во работата и да го прашува за предметот.

    Сепак, останува насилниот упад, недозволено нешто во Кула на контрола на летање. Во некои држави се квалификува и како тероризам. И вториот факт, дека е извлечен и тепан контролор на летање, не може да се измени со ништо.

    Обвинението треба да се напише, бидејќи истрагата е завршена.

    Уште пред да се изјасни ЕУРОКОНТРОЛ, имало сугестии од Вишото јавно обвинителство-Скопје врз истрагата во ОЈО Скопје за да се смени кривичното дело Загрозување на воздушниот сообраќај, за кое се осомничени осумтемина сторители, меѓу кои е и Беким Незири – шеф на огранокот на ДУИ од Чаир. Според претпоставените во Вишото обвинителство, предводено од Мустафа Хајрулахи, немало докази дека во моментите на упадот во М-НАВ и во Контролната кула осомничените ја загрозиле безбедноста на авиосообраќајот. Тие сметале дека можеби имало насилство, но не загрозување на воздушниот сообраќај, за кое кривично дело се предвидени високи затворски казни.

    Извештајот од ЕУРОКОНТРОЛ што го побара ОЈО Скопје кое треба да покаже како бил пријавен кај нив настанот на 4 јануари, како е третиран, што било преземено во врска со безбедноста на авиосообраќајот, итн.

    На 4 јануари вратарите им ја отворија рампата во дворот на М-НАВ на шестмина напаѓачи, по што поминаа 3 безбедносни зони и со картичката на вработениот Беким Незири влегоа во Контролната кула. Од неа извлекоа и истепаа контролор на летање, кој во тоа време бил на смена на работно место.

    До ова дојде откако претходниот месец (во декември 2023), почнаа протестите на Синдикатот на контролорите на летање поради сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата Воздухопловна техника, поради што овој и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети. Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.

    Синдикатот го фати Хамиди како објавува огласи за викенд, за никој да не ги види освен тие што треба да се пријават и надвор од законот, а траеја само 2-3 дена.

    Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него на 4 јануари излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, инженери, инструктори и други вработени. По одржаната прес-конференција, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во М од-НАВ каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале. Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.

    Со нивните дејствија, осомничените ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

    Набрзо, на владина седница Хамиди беше разрешен од функцијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира