ЗАВРШЕНА Е ИСТРАГАТА ЗА НАПАДОТ НА СКОПСКАТА КОНТРОЛНА КУЛА, СЕ ЧЕКА ЕУРОКОНТРОЛ КОЈА МОЖЕ ДА МУ ПРЕСУДИ НА ВИДОТ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО

    ЗАВРШЕНА Е ИСТРАГАТА ЗА НАПАДОТ НА СКОПСКАТА КОНТРОЛНА КУЛА, СЕ ЧЕКА ЕУРОКОНТРОЛ КОЈА МОЖЕ ДА МУ ПРЕСУДИ НА ВИДОТ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛООвој извештај од Еуроконтрол што го побрало ОЈО Скопје кое ја води истрагата, треба да покаже како бил пријавен кај нив настанот на 4 јануари, како е третиран, што било преземено во врска со безбедноста на авиосообраќајот; - Од протестот на Синдикатот на Контролата на летање. (Фото:СДК.МК)

    Истрагата за нападот на Контролата на летање во М-НАВ на 4 јануари е 90 отсто завршена, се чека уште известувањето од Еуроконтрол – како го видела тој напад и што значеше тоа за безбедноста на патниците во меѓународниот авиосообраќај над Македонија таа вечер, како и на тие што полетувале и слетувале од Скопскиот аеродром.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека имало сугестии од Вишото јавно обвинителство-Скопје врз истрагата во Основното јавно обвинителство-Скопје за да се смени кривичното дело Загрозување на воздушниот сообраќај, за кое се осомничени осумтемина сторители, меѓу кои е и Беким Незири – шеф на огранокот на ДУИ од Чаир. Според претпоставените во Вишото обвинителство предводено од Мустафа Хајрулахи, немало докази дека во моментите на упадот во М-НАВ и во Контролната кула осомничените ја загрозиле безбедноста на авиосообраќајот. Тие сметале дека можеби имало насилство, но не загрозување на воздушниот сообраќај, за кое кривично дело се предвидени високи затворски казни.

    Овој извештај од Еуроконтрол што го побрало ОЈО Скопје кое ја води истрагата, треба да покаже како бил пријавен кај нив настанот на 4 јануари, како е третиран, што било преземено во врска со безбедноста на авиосообраќајот, итн. Извесно е дека овој извештај може и да го дефинира кривичното дело за кое има спротивставени мислења на пониското и повисокото обвинителство, за кое ќе се поднесе обвинение.

    На 4 јануари вратарите им ја отворија доброобезбедената рампа во дворот на М-НАВ  на шестмина напаѓачи, по што поминаа 3 безбедносни зони и со картичката на вработениот Беким Незири влегоа во Контролната кула. Од неа извлекоа и истепаа контролор на летање, кој во тоа време бил на смена на работно место.

    Зошто дојде до ова? Претходниот месец (во декември 2023),  почнаа протестите на Синдикатот на контролорите на летање поради сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата Воздухопловна техника, поради што овој и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети. Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.

    Синдикатот го фати Хамиди како објавува огласи за викенд, за никој да не ги види освен тие што треба да се пријават и надвор од законот, а траеја само 2-3 дена.

    Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него на 4 јануари излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, инженери, инструктори и други вработени. По одржаната прес-конференција, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во М од-НАВ каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале. Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.

    Осомничените, според Основното јавно обвинителство, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице, ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

    Набрзо, на владина седница Хамиди беше разрешен од функцијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира