ОСТАВКИ НА ШЕФОВИТЕ НА ИНЖЕНЕРИТЕ ВО КОНТРОЛАТА НА ЛЕТАЊЕ, ОТИ МЕНАЏМЕНТОТ ВРАБОТИЛ КАНДИДАТИ КОИ ИЗБЕГАЛЕ ОД ТЕСТОТ ЗА ПРЕДЗНАЕЊЕ

    ОСТАВКИ НА ШЕФОВИТЕ НА ИНЖЕНЕРИТЕ ВО КОНТРОЛАТА НА ЛЕТАЊЕ, ОТИ МЕНАЏМЕНТОТ ВРАБОТИЛ КАНДИДАТИ КОИ ИЗБЕГАЛЕ ОД ТЕСТОТ ЗА ПРЕДЗНАЕЊЕКога ги виделе прашањата, кандидатите рекле „Ние ова не го знаеме!“, по што се договориле да не ги одговараат, ама сешак ги примле на работа. (Фото: СДК.МК)

    Пропаднала селекцијата на кандидатите за инженерскиот дел во Контролата на летање во М-НАВ, зашто кандидатите кои поминале на контроверзните огласи за инженерскиот дел, избегале од тестовите за селекција.

    Поради тоа, синоќа оставки на раководните инструкторски места си поднеле сите инженери, а нивниот најголем поддржувач и прв потпишан на известувањето, е еден од тројцата директори на М-НАВ Љубе Стаменковски.

    Ова е првпат директор, член на Управниот одбор (УО) на М-НАВ, да застане на страната на синдикат во М-НАВ, во која Агенција во сопственост на Владата, односно државата, последниве две години контролорите и техничкиот дел се борат со самоволие на раководството предводено од главниот директор Фахрудин Хамиди, главно околу вработување на партиски и роднински нестручни кадри преку сомнителни огласи.

    Во четвртокот, стручниот колегиум на воздухопловна техника го известил Управниот директор на М-НАВ составен од директорите Фахрудин Хамиди, Хасим Деари и Љубе Стаменковски дека пропаднала селекцијата на кандидатите кои биле избрани набрзина на последниот оглас распишан пред две недели, за местата 5 инженери и двајца техничари.

    Претходно, раководните авторитети во воздухопловна техника срочиле прашања за основни предзнаења на кандидатите, за да видат кој од нив може понатаму да ја продолжи обуката, односно да биде вработен. По овие интервјуа, требало да спроведат и усно интервју со секој од кандидатите, за согласно условите во огласот, да се изберат тие со најдобрите резултати за вработување во сфера од која најдиректно зависи безбедноста на авиосообраќајот.

    Кога ги виделе прашањата, кандидатите рекле „Ние ова не го знаеме!“, по што се договориле да не ги одговараат.

    Стручниот колегиум со ова писмо побарал од директорот Фахрудин Хамиди овие кандидати никако да не бидат вработени без проверка на нивното предзнаење.  Но, промена на ставот на УО на М-НАВ немало. Огласот не само што не бил поништен вчера (29 декември) туку се дознало и дека кандидатите што одбиле тестирање за селекција, всушност веќе биле примени на работа.

    Вчера, со ново официјално известување до УО на М-НАВ раководен од Хамиди, оставки од раководни наставни и инструкторски позиции си поднеле: едниот од тројцата директори Љубе Стаменковски, кој патем е и инструктор, потоа раководителот на информатички и надзорни технологии, раководителот на одделот за надзорни системи, раководителот на одделот за навигациски системи, раководителот на електро-енергетски системи и раководителот на одделение за воздухопловна техника Охрид.

    Во истото известување се наведени и оставките на двајца инструктори во Одделенијата за информатички и надзорни технологии, како и на инструкторот на Одделението за комуникации.

    До доцна ноќеска биле водени преговори со директорот Фахрудин Хамиди, во ситуација кога неговиот колега, директорот Љубе Стаменковски застанал на страната на синдикатот на воздухопловна техника, односно на инженерите и на страната на инструкторите кои бараат овој оглас во целост да се поништи.

    Директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди не одговори на телефонските повици и на смс-пораката од САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со најновите потреси во М-НАВ.

    Само пред една недела, Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ прифати да го одложи штрајкот што го најави од 31 јануари до втори јануари, баш за Нова година, токму поради овие незаконски огласи од кои два траеја само по два дена, за да ги видат само тие што треба да бидат вработени.

    Под менторство на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со ветување од него и од директорот Хамиди дека ќе се запази законската процедура за строга селекција на кандидатите кои ги поминале огласите, меѓу кои и овој за 5 инженери и двајца инструктори, Синдикатот ја повлече одлуката за штрајкот за Нова година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира