Седумте лица кои на 4 јануари упаднаа во Контролната кула на летање на М-НАВ на Скопскиот аеродром и тепаа контролор на летање добија условни казни. Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуди врз основа на предлог-спогодби со седум лица обвинети како соизвршители на кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На шестмина од обвинетите за стореното кривично дело им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. За еден обвинет, кој преземал потешки дејствија за да го попречи службеното лице и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Судот на тој обвинет му одреди и други обврски кои ќе бидат предмет на заштитен надзор. За осмиот осомничен опфатен со првичната истрага постапката е запрена, бидејќи тој не учествувал во дејствијата на спречување на службеното лице во вршењето на работите.
„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги склучи предлог-спогодбите по целосно прибирање и анализа на доказниот материјал поврзан со настанот кој се случи на 4 јануари во просториите на М-НАВ, на Меѓународниот аеродром Скопје. Имено, во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини повеќе не опстојува кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага. Од видео материјалот прибавен во истрагата и исказите на оштетениот и сведоците произлегува дека единствено се исполнети обележјата на кривичното дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие и тоа согласно ставот 3, за кој е запретена казна затвор од 3 месеци до 5 години. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител побара и доби согласност од Вишото јавно обвинителство Скопје за промена на правната квалификација под која се водеше досегашната постапка“, велат од Обвинителството.
Обвинетите, со заедничко дејствие на извршување, со сила дека непосредно ќе нападнат врз телото на оштетениот – лице што во рамките на своите овластувања врши работи од јавен интерес како контролор на летање, го спречиле во вршење на службеното дејствие. Откако влегле во објектот на М-НАВ спротивно на одредбите од Правилникот за редот и дисциплината на вработените во навигациското тело, тие започнале насилнички и навредливо да се однесуваат кон оштетениот вработен.
Настанала расправија и турканица помеѓу обвинетите и оштетениот, при што во еден момент еден од обвинетите му удрил шлаканица во пределот на лицето на оштетениот. По настанот, сите го напуштиле објектот на М-НАВ, оштетениот не се вратил на работното место и на тој начин со нивните дејствија обвинетите го спречиле оштетениот во вршење на своите професионални задачи, како контролор на летање на давање услуги на воздухопловна навигација.
Од Обвинителството велат дека соочени со доказите за ова кривично дело, обвинетите изразија подготвеност да склучат предлог – спогодба со обвинителството и да ја прифатат осудителната пресуда. При одмерување на определените санкции беа ценети сите околности и дејствијата на секој од осомничените во предметот поединечно, отсуството на трајна последица, како и судската пракса за осуди за вакви кривични дела.
На 4 јануари вратарите им ја отворија рампата во дворот на М-НАВ на шестмина напаѓачи, по што поминаа 3 безбедносни зони и со картичката на вработениот Беким Незири влегоа во Контролната кула. Од неа извлекоа и истепаа контролор на летање, кој во тоа време бил на смена на работно место.
До ова дојде откако претходниот месец (во декември 2023), почнаа протестите на Синдикатот на контролорите на летање поради сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата Воздухопловна техника, поради што овој и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети. Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.
Синдикатот го фати Хамиди како објавува огласи за викенд, за никој да не ги види освен тие што треба да се пријават и надвор од законот, а траеја само 2-3 дена.
Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него на 4 јануари излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, инженери, инструктори и други вработени. По одржаната прес-конференција, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во М од-НАВ каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале. Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.
Со нивните дејствија, осомничените ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Набрзо, на владина седница Хамиди беше разрешен од функцијата.
А. АНТЕВСКА