НАЈДОБРИТЕ СТУДЕНТИ НИ ЗАМИНУВААТ НАДВОР, ЛАНИ ВО СЛОВЕНИЈА СТУДИРАЛЕ 1.570 МАКЕДОНЦИ, РЕКОА ПРОФЕСОРИТЕ НА ДЕБАТА ВО БИТОЛА

    НАЈДОБРИТЕ СТУДЕНТИ НИ ЗАМИНУВААТ НАДВОР, ЛАНИ ВО СЛОВЕНИЈА СТУДИРАЛЕ 1.570 МАКЕДОНЦИ, РЕКОА ПРОФЕСОРИТЕ НА ДЕБАТА ВО БИТОЛАНа дебатата се дискутираше за квалитетот на македонското високо образование и која е разликата помеѓу државните и приватните факултети. (Фото: СДК.МК)

    „Додека дел од професорите вербално се напаѓаат меѓу себе дали е подобро да се студира на државен или на приватен факултет во Македонија, младите ни заминуваат да студираат во странство. Тоа е вистинската опасност“, изјави редовниот професор на Техничкиот факултет во Битола, д-р Илиос Вилос, на јавната дебата „Приватни наспроти државни факултети“, што во организација на „Про Локал“ се одржа во Битола.

    Тој истакна дека лани во Словенија студирале 1.570 наши студенти, во Грција традиционално се заминува на студии со години наназад, а во последно време атрактивни стануваат Хрватска и Романија.

    „Лошо е тоа што цело време колегите од приватните универзитети ги напаѓаат колегите од државните, а суштината е во тоа што децата ќе си речат ни едниот, ни другиот не е добар, дај да си го фатиме патот за Словенија. Што мислите, градежен инженер во Скопје е послаб од оној во Марибор? Ги познавам сите колеги таму, исто учат како нашите студенти, но младите се свесни и одат да студираат во европски држави. Си земаат европска диплома. Може како бугарски доктор да работи каде сака во Европа. Половина од докторите во Шведска се со бугарска диплома, а некои од нив се Македонци. Тоа е вистинскта опасност“, рече Вилос.

    На дебатата се дискутираше за квалитетот на македонското високо образование и која е разликата помеѓу државните и приватните факултети. Ректорот на битолскиот државен универзитет „Св. Климент Охридски“, д-р Игор Неделковски, рече дека со воведувањето на партиципацијата, факултетите се ставени во позиција да примаат што повеќе студнети за да можат да опстанат, а со тоа се намалува квалитетот.

    „Се воведе партиципација и се укинаа приемните испити, а државните универзитети ги поврзаа со приходите од студентите. Ние почнавме да ги рушиме критериумите, ама тоа се рефлектираше и кај приватните универзитети, па почнаа да ги намалуваат школарините, а со тоа се намалува и квалитетот, зашто државата не им дава пари. Сега еден врвен научник кој предава хемија е казнет во однос на еден просечен професор по општествени науки. Овој има огромен број студенти, тие плаќаат партиципација или кофинансирање и тој факултет комотно живее, а другиот бидејќи не е атрактивен, не може да се развие“, рече Неделковски.

    Со спуштањето на критериумите, додаде тој, најдобите студенти одат во странство, па смета дека на факултетите треба да се вратат примените испити.

    „Проблемот е влезот на големиот број студенти. Имаме државен факултет во Скопје кој запишува преку илјада студенти годишно. Проаѓањето меѓу прва и втора година е 500 студенти. Кога има приемен испит, се врши филтрација“, вели Неделковски.

    Силвија Попчановска, студентка на постдипломски студии на БАС академијата „Смилевски“ од Битола, рече дека е важно да се запрашаме колкав е бројот на студенти кои дипломирале, а останале без работа или се вработиле на позиции кои не се соодветни на нивните дипломи.

    Други дискутанти истакнаа дека е потребна поголема ажурност на администрацијата на некои државни факултети.

    Настанот беше финансиски поддржан од Холандската амбасада.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира