Сметководителите од градинките, училиштата и други државни институции во Струмица, Василево, Радовиш, Валандово и во останатите општини во Југоисточна Македонија беа принудени да одат во Штип за сите трезорски услуги во изминатите десетина дена, а откако единствениот трезорски службеник во овој град замина на одмор, од денеска ќе мора да одат во Кочани или во некој друг град кој има ваква канцеларија.
Трезорската канцеларија во Штип извести дека поради вториот дел од годишниот одмор на единствениот вработен, таа нема да работи до 21 јуни и дека за какви било налози за плаќање треба да се оди во канцеларијата во Кочани, Кавадарци или Велес. Во некои градови каде што има трезорски канцеларии со повеќе вработени проблем било што имале само еден компјутер.
Минатата недела, трезорската канцеларија во Штип беше под опсада од стотина благајници и сметководители од повеќе општини во Источна и Југоисточна Македонија затоа што една од поголемите трезорски канцеларии за Југоисточна Македонија, со седиште во Струмица, остана без ниту еден вработен, а претходно биле тројца.
„Двајца од трезорските службеници во Струмица заминаа во пензија, а третиот на породилно боледување. Ни кажаа за која било трезорска услуга да одиме во Штип, каде што имало само еден вработен, но и тој од денеска бил на годишен одмор, па ни посочија да одиме во трезорската канцеларија во Кочани, Кавадарци или Велес“, велат сметководители во регионот.
И штипските сметководители пред извесно време одеа за трезорски услуги во Кочани, затоа што и Штип минатата година остана без трезорски службеник поради пензионирање. Општинскиот благајник Влатко Костадинов вели дека неколку месеци морале да одат во Кочани, но Министерството за финансии во меѓувреме оспособило едно лице, кое сега ги врши трезорските услуги.
Општина Свети Николе веќе 20 години нема трезорски работник и за трезорски услуги се оди во Штип.
„Во првите години сите државни институции во Свети Николе се снаоѓаа како знаат и умеат, но веќе десетина години документацијата се носи во Општина Свети Николе, па јас како општински возач секојдневно патувам за Штип и ги носам сите налози и други документи во трезорската канцеларија во Штип, а од денеска одиме во Кочани и Велес“, вели општинскиот возач од Свети Николе.
Обучениот службеник во штипската трезорска канцеларија, кој на ова работно место дошол пред неколку месеци, не сака да зборува за неговата работа, но сметководителите кои секојдневно чекаат велат дека тој на ден добива повеќе од 2.000 налози и други документи за обработка.
Секторот трезор, кој е во рамките на Министерството за финансии, е задолжен да управува со трезорски сметки и со други сметки на државата, а врши и други работи утврдени со закон, од кои позначајни се: отворање сметки во рамките на трезорската сметка, водење регистар на буџетски корисници, прием, обработка и евидентирање на барањата за денарски и девизни плаќања, следење на наплатата на јавните приходи на државниот буџет и нивна распределба и следење на наплатата на приходите на единиците на локална самоуправа и нивна распределба.
Т. ЈОВАНОВСКИ