СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА ЈА ПОВЛЕЧЕ КАНДИДАТУРАТА ЗА ЛИДЕРКА НА СДСМ, ЗА НЕПРАВИЛНОСТИТЕ НА КОИ УКАЖАЛА, ИЗБОРНАТА КОМИСИЈА НЕ Ѝ ОДГОВОРИЛА НИ ЗБОР

    СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА ЈА ПОВЛЕЧЕ КАНДИДАТУРАТА ЗА ЛИДЕРКА НА СДСМ, ЗА НЕПРАВИЛНОСТИТЕ НА КОИ УКАЖАЛА, ИЗБОРНАТА КОМИСИЈА НЕ Ѝ ОДГОВОРИЛА НИ ЗБОРГласањето утре ќе се спроведува во општинските организации од 8 до 20 часот, а се пријавиле околу 23 илјади членови на партијата. (Фото: СДК.МК)

    Кандидатката за претседателка на СДСМ, пратеничката и ксминистерка за одбрана Славјанка Петровска, денеска со писмо ја извести партиската Централна изборна комисија (ЦИК) дека ја повлекува кандидатурата. Изборите за нов лидер се закажани за утре, 30 јуни.

    Петровска бара нејзиното име да не стои на гласачкото ливче, на кое се и Венко Филипче, Јован Деспотовски и ексзаменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

    „Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазуванье на статутот, ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, бара Петровска во писмото.

    И покрај тоа што на состанок со претставници на изборната комисија укажала на бројни неправилности, сепак не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.

    „Имајќи ги предвид основните политички начела поставени во Статутот на Социјалдемократскиот соуз на Македонија кои jа потврдуваат нашата заложба како социјалдемократи за целосно почитување на човекот, неговото достоинство, права и слободи, како и нашата заедничка заложба за одржување на фер, чесни и достоинствени избори за претседател на СДСМ, каде сите кандидати треба да имаат подеднакви можности за претставување и лобирање, вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со преставници на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на лични податоци на илјадници членови на СДСМ кое продолжи и денес, но за жал не добив одговор кој ги побива сите овие тврдења. Како социјалдемократ, верувам во искреноста со која треба да се обраќаме кон нашите другари и другарки и затоа сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултатите“, вели Петровска во писмото.

    Гласањето утре ќе се спроведува во општинските организации од 8 до 20 часот. За гласање се пријавиле околу 23 илјади членови на партијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира