Високите температури ја покачија потрошувачката на вода во Велес и околните населени места, каде се дистрибуира преку градскиот водовод. Во јуни таа била поголема за повеќе од половина отколку во мај. Тогаш имало 180 лит/сек, во јуни била 270 лит/сек.
Од ЈКП „Дервен“ предупредуваат водата да не се користи за полевање на бавчите и миење на дворовите во вечерните часови, кога е ударниот момент од потрошувачката и тогаш се празнат резервоарите.
„Деновиве, како резултат на енормно високите температури, потрошувачката на вода од водоводниот систем е покачена до тој степен што доаѓа до нагло празнење на резервоарите за вода преку кои се дистрибуира водате до домаќинствата, особено во вечерните часови. Апелираме граѓаните водата да ја користат наменски и рационално, за потребите на домаќинствата, а не за наводнување и миење на дворните места, за да не дојде до недостиг од вода во водоводната мрежа“, соопшти „Дервен“ во вонредно обраќање до јавноста во градот и околните населени места кои се поврзани на градскиот водоводен систем.
П. ПЕЧКОВ